Дали родителот учествува во изработка на ИОП?

ДА! Родителот е рамноправен член во инклузивниот тим за ученик и учествува во изработката на Индивидуалниот Образовен План. Освен во изработката односно програмирање на целите, родителот учествува и во процесот на имплментација, следење и евалуација на активностите од училишниот документ. Родителот, како и останатите членови на тимот имаат право да располагаат со копија од ИОП-от.

Во нашето училиште нема СЕР (Специјален едукатор и рехабилитатор), што понатаму?

Доколку во едно општинско основно училиште во склоп на инклузивните тимови нема стручен соработник-специјален едукатор и рехабилитатор, или било кој друг одреден стручен профил, општинското основно училиште бара поддршка од училиштето со ресурсен центар или центрите за поддршка согласно реонот во кој припаѓа.

Јас сум родител на дете со попреченост кое е прваче. Каква поддршка во учењето треба да му даде училиштето на моето дете?

Согласно Законот за основното образование секое основно училиште треба да има формирано училишен инклузивен тим, кој се грижи за инклузивните политики и практики на ниво на целото училиште и инклузивен тим за ученик којшто работи по индивидуален образовен план или по модифицирана наставна програма. Инклузивниот тим за ученикот во фокусот на својата работа ги имаа конкретните ученици и изготвување и реализирање на нивните индивидуални образовни планови (ИОПи). Инклузивниот тим за ученикот подготвува ИОП и модифицирана наставна програма за ученикот со попреченост согласно со неговите индивидуални потенцијали и потреби. Дополнително, за поддршка на учењето за учениците со попреченост, основното училиште обезбедува: образовен асистент, личен асистент, соодветна стручна поддршка од центар за поддршка на учењето, инклузивен тим и асистивна технологија по препорака на стручното тело за проценка и во согласност со индивидуалниот образовен план или модифицираната програма.

Јас сум родител на дете кое сега започна со трето одделение. До сега, јас го придружував во училиште, но повеќе тоа нема да можам да го правам. Како до добие образовен асистент?

Образовен асистент (исто како и личен асистент) се добива само по препорака на стручното тело за проценка, односно доколку на мислењето/функционалниот профил кој го дава стручното тело за проценка е нотирано дека за детето како поддршка во учењето му е потребна асистенција. Потоа функционалниот профлил се доставува до училиштето во кое учи детето, заедно со барање за асистент кој е назначен, а училиштето треба да достави барање до општината на чија територија се наоѓа училиштето. Во моментов ангажираните асистенти во наставата се обезбедуваат преку проектот за општествено-корисна работа и во соработка на општините со УНДП. Во иднина, а согласно Законот за основно образование, јавниот повик за селекција и избор на образовен/личен асистент, селекцијата и изборот на образовен/личен асистент, како и обуката на образовен/личен асистент, ќе ги спроведува најблиското училиште со ресурсен центар. Во Законот е наведено дека начинот на побарување на образовен/личен асистент, начинот на селекција и избор на образовен/личен асистент, како и програмата за обука на образовен/личен асистент ги утврдува министерот, на предлог на Бирото за развој на образованието, но во овој момент подзаконските акти кои ги уредуваат овие прашања се во фаза на подготовка.

Во училиштетто во кое учи моето дете нема специјален едукатор и рехабилитатор. Како моето дете ќе добие поддршка во учењето од стручни лица кои можат да му помогнат во совладување на наставните содржини?

Доколку училиштето нема вработено стручен соработник од одреден профил (специјален едукатор и рехабилитатор) истиот може да биде „позајмен“ од центрите за поддршка на учењето на учениците со попреченост и/или училиштата со ресурсен центар и истиот да биде вклучен како член на Училишниот инклузивен тим и Инклузивниот тим за ученикот. Исто така, доколку на ниво на општина нема основно училиште со ресурсен центар или со центар за поддршка, поддршка на учењето на учениците со попреченост се обезбедува од најблиското основно училиште со ресурсен центар или од училиште со центар за поддршка од најблиската општина.

Живееме во општина Чучер Сандево. Во училиштето во кое учи моето дете, а мислам дека и на ниво на целата општина, нема вработен специјален едукатор и рехабилитатор. Како моето дете да добие поддршка во учењето?

Доколку на ниво на општина нема основно училиште со ресурсен центар или со центар за поддршка, поддршка на учењето на учениците со попреченост се обезбедува од најблиското основно училиште со ресурсен центар или од училиште со центар за поддршка од најблиската општина. Во Вашиот случај тоа е општина Бутел во која има основно училиште со ресурсен центар, односно таму се наоѓа П.О.У.„Иднина“.

Имам дете кое е сега прваче и кое самошто отпочна со учење (со физичко присуство). Има попреченост (аутизам), но нема индивидуален образовен план. Во училиштето ми кажаа дека треба да го направат истиот. Јас не знам до кога треба да чекам. Дали можете да ми одговорите?

Согласно Законот за основното образование во рок од 30 дена од денот на започнување на настава на ученикот во училиштето, Инклузивниот тим за ученикот подготвува ИОП и модифицирана наставна програма за ученикот со попреченост согласно со неговите индивидуални потенцијали и потреби. При изработката на ИОП и модифицирана наставна програма, инклузивниот тим за ученикот соработува со останатите наставници и стручни соработници вклучени во образовниот процес на ученикот, како и со родителите на ученикот.

Јас сум наставник во одделенска настава. Повеќе пати во мојата долгогодишна пракса ми се има случено да се запише дете кое има одредена попреченост, односно евидентно има потешкотии во следење на редовната наставана програма, но родителите не прифаќаат дека детето има проблеми и потешкотии. Ве молам за совет.

Уште при запишувањето на детето во училиште, комисијата за запишување доколку процени дека детето има одредена развојна попреченост, а притоа родителот, односно старателот не доставил мислење/функционален профил од стручното тело за проценка, во најдобар интерес на детето е комисијата да го упати родителот, односно старателот кај стручното тело за проценка, со цел да се одредат потребните мерки за поддршка во учењето. Истото важи и доколку наставникот, а во соработка со стручната служба и членовите од инклузивниот училиштен тим, проценат дека детето треба да биде упатено на стручното тело за проценка, потребно е да се убеди родителот дека во најдобар интерес на детето е истото да добие стручно мислење/ функционален профил во кој ќе биде нотирано што сѐ му е потребно како поддршка во учењето, со цел ефикасно напредување.