Ниво I – Општа поддршка – за овој вид поддршка одлучува училиштето во соработка со ученикот и неговите родители/старатели и притоа нема потреба од официјална одлука.
Општа поддршка се обезбедува на ниво на училиште при што покрај наставникот се вклучуваат и стручните соработници кои водат евиденција за напредокот на ученикот. Со овој тип на поддршка обично се опфаќаат учениците со потешкотии во учењето.
Учењето треба да се насочи кон индивидуализација и диференцијација на наставниот процес со примена на соодветни наставни методи и средства. Обично, поддршката е насочена кон помош во наоѓање на сопствениот стил на учење и вежбање низ разни техники на учење. Се работи и на јакнење на концентрацијата, меморијата и емоционалната компонента, но во голема мера и на активирање на повисоките мисловни процеси.
Стручните соработници можат да му помогнат на ученикот во развивање на позитивна слика за себе и јакнење на самодовербата, развивање на говор и комуникациски вештини, создавање и развивање на навики за грижа за себе и за сопствената безбедност, поттикнување и развивање на соработката со другите и нивно почитување, организација на учењето и начините на учење.