Инклузивното образование е процес со кој се излегува во пресрет и се одговара на различните потреби на децата, младите и возрасните преку обезбедување пристап, зголемување на нивното учество во учењето, во училиштето и во заедницата. Тоа вклучува разумно прилагодување на образовните содржини, соодветни наставни приоди и стратегии, како и организација на воспитно – образовниот процес воопшто, за да се овозможи квалитетно образование за сите. Инклузивното образование подразбира дека сите деца се вклучени и се прифатени, со особено внимание на децата што може да бидат маргинализирани, дискриминирани или исклучени од образовниот систем. Тие, без оглед на нивните слабости во некои области, а соодветно на нивните потенцијали, се вклучуваат во редовните одделенија и им се обезбедуваат соодветни услови за учење, напредување и учество во животот на училиштето.
Имајќи предвид дека инклузивното образование има свои специфичности во системската поставеност, во содржините и организацијата на воспитно – образовната дејност, Законот за основно образование предвидува изготвување посебен документ – Концепција за инклузивно образование, која треба да даде конкретни насоки како ќе се спроведе во пракса инклузивното образование во нашиот општествен систем.
Концепцијата предлага мерки и стратегии со кои треба да се отстранат бариерите што ги попречуваат спроведувањето на инклузивното образование и неговата одржливост. Во таа смисла значајно е секое училиште да може да ја препознае вредноста на различностите на своите ученици, да изнајде начини како да се почитуваат истите, да ја прилагоди наставата на индивидуалните карактеристики на секој ученик, да ги зголеми и мобилизира постоечките ресурси со кои располага, со цел секој ученик да учи и да учестува во севкупното училишно живеење.
Во случаи кога се идентификуваат поголеми потешкотии за учество во воспитно – образовниот процес, секое училиште треба да ги идентификува бариерите за учење со кои се соочува ученикот и да понуди сопствени стратегии за нивно надминување. На овој начин се овозможува, секој ученик да има пристап до наставата и учењето, како и учество и постигнувања во согласност со неговите потенцијали.