Оштетување на слух или глувост е состојба во која поединци делумно или целосно не се во можност да ги примаaт ни препознаат фрекфенциите на звукот кој вообичаено може да го слушнат други поединци од истиот вид.
Оштетувањето на слухот се определува според
-
- видот (кондуктивно, сензоневрално или комбинирано),
- големината на оштетеност (благо, умерено, тешко и целосно),
- почетоците на оштетување (предговорна и постговорна глувост).
Оштетување на слухот може да има само на едното уво (унилатерално) и на двете (билатерално).
Тоа може да настане од различни причини: долготрајно изложување на бучава, генетски, болести, антибиотици, изложување на токсични хемикалии, физичка траума.
И возрасните и децата кои имаат значајна загуба на слухот може да користат слушни помагала кои им обезбедуваат слушање на говорот и звуците од непосредната околина. Бројни се истражувањата кои насочуваат дека она што навистина им помага на лицата со поголема загуба на слухот е кохлеарниот имплант.
ШТО Е КОХЛЕАРЕН ИМПЛАНТ?
Кохлеарен имплант е електричен изум кој ја врши работата на оштетените влакненца во увото со стимулирање на слушниот нерв. Се состои од две главни компоненти. Едната се наоѓа во главата а втората компонента се носи на надворешната страна на главата. Надворешната компонента го подобрува сигналот и моќта што овозможува внатрешните делови да работат. Во суштина сите импланти работат на ист начин, меѓутоа различни компании произведуваат различни компоненти кои се разликуваат по формата, материјалот од кој е направен и слично. Во процесот за вградување кохлеарен имплант вклучени се многубројни испитувања, операции и период за рехабилитација.
ВО ШТО СЕ СОСТОИ РЕХАБИЛИТАЦИЈАТА?
Рехабилитацијата е процес во кој професионалци го поддржуваат детето и неговото семејство при адаптирање на слушното оштетување, при користење на кохлеарниот имплант и развојот на говорот на детето и неговите вештини за комуникација. Рехабилитацијата е различна од едукацијата и во неа се вклучени аудиолози, логопеди, педијатри, специјални едукатори и рехабилитатори за деца со оштетен слух и други стручни лица.
КОХЛЕАРЕН ИМПЛАНТ И УЧИЛИШНИ УСЛОВИ?
Ученик со кохлеарен имплант во училишни услови има задача да го развива говорот. Наставникот во соработка со останатите стручни лица од кои детето имало поддршка за време на рехабилитацијата има задача да пронајде начин како постојано да го поттикнува детето да слуша и да го искористи максималниот потенцијал на имплантот. Овие ученици може да посетуваат училиште за глуви или пак редовно основно училиште но без разлика какво училиште и да посетуваат потребно е да се развиваат нивните аудитивни способности. Потребно е да се познаваат интересите, стравовите и потребите се со цел поуспешно развивање на вештините за зборување, читање и слушање. Стратегиите кои се употребуваат за работа со учениците со оштетен слух, без разлика дали има кохлеарен имплант или не се речиси идентични.
ЗНАКОВЕН ЈАЗИК
При комуникација голем дел од учениците/лицата со оштетен слух често го користат и знаковниот јазик. Неговото познавање зависи од средината од која доаѓа. Ученици кои доаѓаат од средина во која се користи само орален говор често и не го знаат знаковниот јазик. Тие сами „измислуваат“ знаци кои асоцираат на нештата за кои зборуваат.
Подоцна кога истите ќе се сретнат со глуви лица кои го познаваат и активно користат знаковниот јазик, тие лесно го прифаќаат вистинскиот.
Знаковниот јазик е важен за употреба од причина што тој преставува основа за понатамошно надградување на знаењата и развивање на процесот на мислење, како што влијае и самиот орален говор кај децата што слушаат. Многу е важно да се истакне дека знаковниот јазик не претствува преведување на буква по буква, на зборот кој сакате да го кажете. Секој збор има има свој знак еден или повеќе. Знаковниот јазик има своја специфична граматика. Често во толкувањето се задржуваат само на неколку зборови, односно се истакнува главната поента на мислата, без оптоварување со сврзници.
Затоа и учениците со оштетен слух кога зборуваат на знаковен јазик, речениците се многу кратки, понекогаш со два до три знаци.
Во Република Северна Македонија се употребува македонскиот знаковен јазик, кој го зборуваат сите глуви и наглуви лица без разлика на етничката припадност. Веќе неколку години по ред Републичкот сојуз на глуви и наглуви лица организира бесплатни обуки за изучување на знаковниот јазик.
КОГА СЕ РАБОТИ СО УЧЕНИК СО ОШТЕТЕН СЛУХ ТРЕБА ДА СЕ ЗЕМАТ ПРЕДВИД СЛЕДНИВЕ ФАКТИ :
-
- Специфичноста во работата со децата со оштетен слух се гледа во ставањето акцент на визуелизација на информациите кои се презентираат на учениците. Покрај говорот, сликата или видеото е основното средство во презентирање на фактите.
- Учениците со оштетен слух имаат потенцијал да постигнат исти резултати како секое друго дете, зависно од нивото на поддршка од семејството, училиштето и околината.
- Пристапот кон овие деца е важен од причина што тој, директно влијае во развојот на нивната самодоверба.
-
- Ученикот секогаш се учи да слуша за време на активностите во училиште и истите да се прават на различни начини (пр. припрема на ужинки може да биде со повикување по име, нареден пар редење во редици и слично),
- Не се користи жаргонски говор или фрази кои ќе му го отежнат разбирањето на она што сакате да го кажете, користете едноставни зборови и објснувања и секогаш користете слика за поддршка на кажаното
- Се прашуваат дали ја разбираат содржината,
- Во одредени ситуации се користат други ученици со цел да објаснат, помогнат,
- Секогаш се зборува со нормален говор без нагласување на устата и правење гримаси, тоа го отежнува читањето од уста.
- Кога се зборува со ученик со оштетен слух секогаш треба да бидеме во позиција лице во лице, а не кон таблата или ѕидот.
- При употреба на дигитализирани содржини оваа група ученици не можат истовремено да отчитуваат од уста, затоа е потребно програмирање на време за објаснување или поддршка со текст,
- Поставеноста на ученикот во просторијата е од големо значење, важно е да биде на место од каде би можел полесно да следи се што се случува на часот или пак свртен со грбот кон прозорот, но не веднаш пред наставникот;
- Осветлувањето во просторијата е исто така од големо значење бидејќи несоодветно осветлена просторија ја намалува видливоста,
- Доколку ученикот користи слушни апарати звукот секогаш треба да доаѓа од страната на апаратот,
- Знаковниот јазик е еден од начините за комуникација со учениците со оштетен слух,
- Користењето на знаковен јазик секогаш треба да е поддржано со говор, кој ќе биде природен, а не со пренагласени движења на устата, гримаси или пак многу погласен говор
- Основен проблем при работата или воопшто контактот со овие ученици е комуникацијата и визуелизацијата на дел од апстрактните поими.