Што е оштетување на видот?
Оштетувањето на видот е намалена способност за гледање до степен што предизвикува проблеми во визуелната перцепција кои не можат да се поправат со вообичаени средства, како што се очила.
Оштетувањето на видот опфаќа широк спектар на состојби поврзани со видната функција: од потполно отсуство на вид (слепило), намалена функција на видот (слабовидност), до неможност за разликување на одредени бои.
Причини за оштетување на видот
Оштетувањето на видот може да се случи на било која возраст. Одредени состојби на оштетување на видот кај децата можат да останат непроменети во текот на целиот живот, додека некои состојби може да резултираат со потешкотии со видот само за кратко време, или пак може да се влошат со текот на времето.
Оштетувањето на видот може да настане при самото раѓање. Исто така, може да се случи подоцна како резултат на болест, повреда или медицинска состојба.
Најчестите причини за оштетување на видот се:
- невролошки состојби кои влијаат на деловите од мозокот кои го контролираат видот;
- генетски состојби како албинизам и Retinitis pigmentosa;
- болести што се случуваат кај некои предвремено родени бебиња или како резултат на компликации при породувањето;
- состојби како детски глауком или катаракта и карциноми како ретинобластом;
- инфекции за време на бременоста (рубеола, цитомегаловирус, сексуално преносливи инфекции, токсоплазмоза итн.);
- структурни промени на очите кои го ограничуваат видот (микрофталмија или анофталмија);
- оштетување или повреда на окото, очниот нерв или центарот за вид во мозокот.
Рани знаци и симптоми на оштетување на видот
Децата кои имаат оштетен вид може да имаат уреден изглед на очите. Знаците кои може да упатат на оштетување на видот најчесто можат да се забележат во однесувањето на детето или начинот на кој тоа гледа.
Повеќето бебиња почнуваат да се фокусираат на лица и предмети на возраст од 4-5 недели. На возраст од околу 6-8 недели, повеќето бебиња почнуваат да се смешкаат на познати лица и предметите кои ги гледаат. Доколку овие развојни показатели отсуствуваат, може да се појават сомневања за оштетување на видот кај детето. Други знаци кои упатуваат дека бебето може да има проблем со видот се:
- брзо движење на очите од една на друга страна (нистагмус);
- очите не го следат движењето на лицето пред него или предметот кој се движи во неговото видно поле;
- детето не воспоставува контакт со очите со членовите на семејството и пријателите;
- очите не реагираат на вклучување на светло во просторијата.
Кај поголемите деца може да се забележат следните знаци кои може да укажуваат на потешкотии со видот:
- детето ги доближува предметите блиску до неговото лице;
- често ги трие очите и кажува дека е уморно;
- ја свртува или навалува главата на страна или пак го покрива едното око кога ги гледа предметите одблиску;
- брзо се заморува при читање, цртање или манипулативни игри;
- оддава впечаток дека гледа подобро преку ден отколку навечер;
- оддава впечаток дека е несмасно.
Дијагноза на оштетување на видот
Воспоставувањето на дијагноза е првиот чекор кон давањето на вистинска интервенција. Доколку родителите се загрижени за видот на своето дете, најпрво треба да се консулираат со својот матичен лекар или педијатар, кои ќе го напрват првиот преглед. Доколку постојат индикации, матичниот лекар или педијатарот ќе ги упатат родителите на преглед кај специјалист – офталмолог. Офталмологот ќе го прегледа детето и ќе ги спроведе сите потребни испитувања за да се открие евентуалното оштетување на видот. Офталмологот ќе постави дијагноза или пак ќе го исклучи постоењето на проблем со видот.
Потешкотии со кои се соочува детето со оштетен вид
Оштетувањето на видот може да влијае на многу области во развојот на детето, дури и во области кои родителите не ги очекуваат.
Детето со оштетување на видот може да се соочува со предизвици при:
- Комуникација со други лица. Детето може да има отешкотии да види кога некој му мавта или му се смешка или да не може да воспостави контакт со очите.
- Играње и дружење со врсници. Детето може да биде несмасно, да не може да чита невербални сигнали и гестови, да се чувствува несигурно кога е во гужва или да има потешкотии со дружење со врсниците.
- Развој на говорот. Доколку детето не ги гледа предметите, веројатно е дека голем дел од нив нема да научи да ги именува, а тоа значително ќе се одрази на обемот на вокабуларот (речничкиот фонд – фондот на зборови).
- Воочување на разликата помеѓу денот и ноќта.
- Седење, ползење и одење. Детето можеби нема да се обиде да се движи затоа што не може да ги види предмети што го опкружуваат
- Учење да се чита и пишува.
- Играње. Детето може да се плаши да допре одредени текстури или да истражува области што не може да ги види.
Доколку оштетувањето на видот е поголемо или детето е слепо, очекувано е одредени подрачја од развојот и учењето да бидат побавни отколку кај другите деца.
Раната интервенција може да му помогне на детето со оштетен вид да го достигне својот целосен потенцијал.
Ученикот со оштетен вид
Оштетувања на визуелниот систем кај учениците влијае на нивната способност за учење. Доколку во одделението има вклучени ученици со оштетувања на видот ќе треба да се обезбедат соодветни услови, план и програма за работа со нив.
Обезбедување соодветна средина
- Со цел да им се даде еднаква можност на учениците со оштетен вид да успеат во училницата, секогаш треба да седат блиску до таблата, односно до наставникот. Наставникот додека предава треба да застанете блиску до ученикот со оштетен вид, за да може подобро да го слушне.
- Учениците со оштетен вид често пати се соочуваат со проблеми со чувствителност на светлината, па затоа потребно е тие да седат далеку од прозорецот. Светлината треба да се дистрибуира рамномерно низ просторијата за оптимален визуелен ефект.
- Потребно е да се остави доволно простор помеѓу работните маси, столици, плакарчиња и полици. Тоа ќе им го олесни движењето низ училницата, без да се повредат од разните предмети кои се наоѓаат во училиницата.
- Вратите и фиоките на плакарот секогаш треба да се затворени и столовите уредно ставени под клупите и работните маси.
- Откако ќе го создадете распоредот на училницата на почетокот на учебната година, оставете го мебелот на исто место. Учениците со оштетен вид ќе го научат распоредот и ќе можат да се движат безбедно низ училницата. Ако го преуредите мебелот во училницата тоа може да предизвика збунетост кај овие ученици и ќе додаде непотребен стрес во нивната средина за учење.
- На учениците треба да им се објасни каде се наоѓаат материјалите во училницата. На пример, ако боичките се наоѓа веднаш до таблата на предниот дел од училницата, на учениците со оштетен вид треба да им дадете јасни насоки од нивното место каде што седат каде да се движат за да стигнат до потребниот материјал. Пр. „Боичките се на пет чекори лево од твојата клупа, во првата полица од шкафот до таблата.“
Обезбедување соодветна настава
- Употребувајте визуелни помагала и асистивна технологија со цел да обезбедите максимална независност и успех во учењето на ученикот со оштетен вид.
- Објаснете ги сите визуелни содржини. Кај учениците со оштетувања на видот, важно е јасно да им се објаснат визуелните материјали. На пример, ако покажувате слика треба да ја опишете сликата. Може да кажете: „Ја ставив сликата на Ана во селската куќа на баба ѝ, за да го илустрирам начинот на кој таа е прикажана во текстот. Таа има сини очи, долга кафена коса…, куќата е од камен..итн.“ Кога опишувате нешто вклучете детали како боја, текстура, форма и обележја;
- Диктирате го она што го пишувате на таблата. На овој начин учениците кои не се во можност да ја видат таблата, можат да го следат чадот и да водат белешки.
- Секогаш вербално давајте упатства. Учениците со оштетен вид може да имаат потешкотии да ги видат што е напишано на таблата или на наставниот лист (учебникот и сл.) и да не можат да разберат што се очекува од нив. Наместо тоа, секогаш треба да давате усни упатства за секоја задача и активност.
- Побарајте од учениците да плескаат за да постават прашање. Многу училници се потпираат на визуелни знаци со цел да поставуваат прашања или да го привлечат вниманието на наставникот. Кревање на рака доколку сакаат да зборуваат за време на часот, кај учениците со оштетен вид не е изводливо бидејќи може да не забележат кога нивните врсници креваат раце. Наместо тоа, треба да ги замените визуелните сигнали со аудио сигнали. На пример, можете да се договорите со учениците да плескаат двапати ако сакаат да постават прашање, да плеснат еднаш ако сакаат да одат во тоалет и сл.
- Тактилни искуства за учење. Кога предавате нови лекции, за учениците со оштетен вид треба да се обидете и да вклучите тактилни искуства за учење секогаш кога тоа е можно. На пример, наместо да зборувате за растенија и да покажувате слики од различни видови растенија, всушност треба да имате примери од растенијата во училницата и да им овозможите на учениците да го допрат, помирисаат, евентуално вкусат, со еден збор да го осетат. Ова ќе им овозможи на учениците да истражуваат и учат без да се потпираат само на видот.
- Кога имате ученик со потешкотии во видот, наставната програма треба да ги задоволи потребите на ученикот. На пр. на часовите по ликовно образование наместо да цртате може да работите со глина или пластелин.
- Обратете им се на сите ученици по име. Учениците кои имаат оштетен вид можеби не секогаш знаат кој зборува. Затоа секогаш треба да им се обраќате на учениците со нивното име кога ќе ги повикате да одговорат или да поставите прашања. На овој начин ученикот кој има оштетен вид може да научи да ги препознава своите другари врз основа на звукот на нивниот глас.
- Дајте им дополнително време да ја завршат работата. На учениците со оштетен вид можеби ќе им треба дополнително време да ги завршат своите задачи и тестови. Ова обично е затоа што читањето на Брајово писмо може да бара дополнително време.
- Однесувајте се подеднакво кон сите ваши ученици. И покрај тоа што треба да направите одредени измени во начинот на реализирање на наставата за учениците со оштетен вид, правилата во училницата и очекувањата во однесувањето треба да важат за сите ученици.