Социјалните вештини се вештини што секојдневно ги користиме за да воспоставиме интеракција и да комуницираме со другите. Тие вклучуваат вербална и невербална комуникација, како што се: говор, гест, изразот на лицето, држењето и движењата на телото. Едно лице има силни социјални вештини ако има развиени капацитети да ги разбере пишаните и „непишаните“ правила кога комуницира со другите.
Социјалните вештини се од суштинско значење за да може детето да има и да одржува позитивни интеракции со другите. Многу од овие вештини се клучни во градењето и одржувањето пријателства. Социјалните интеракции не се одвиваат секогаш непречено. Тие од детето бараат да примени соодветни стратегии, како на пример, решавање на конфликтот кога се појавуваат тешкотии во интеракциите. Исто така е важно, кај децата да се развие „емпатија“ (т.е. да можат да се стават себеси во туѓи чевли и да ги препознаат чувствата на другите), што ќе им овозможи да покажат разбирање и грижлив однос кон врсниците и возрасните.
Играта е доброволно ангажирање на детето во активности кои се само-мотивирани и кои обично се поврзани со задоволство и уживање. Преку играта децата учат за околината и нивното место во светот околу нив. Неструктурираната игра во раното детство им помага на децата да ја запознаат нивната непосредна околина. Играта исто така овозможува да се развијат социјалните вештини. Како што растат, децата учат за правилата на општеството преку составување игри со правила, учат да се радуваат на победата, но и да го прифатат поразот, учат за „фер играње“. Тие исто така учат да ги контролираат нивните импулси да преговараат и да решаваат конфликтите со врсниците. Пред сè, играта е потребна за забава и релаксација.
Социоемоционален развој на возраст од 6 до 7 години
- Станува посвесно за своите и туѓите емоции
- Се труди да си ги контролира емоциите
- Сака да се истакне, да го покаже својот талент
- Развива самоконтрола, знае да се воздржи при разговор и поставување прашања
- Игра имагинативни игри што вклучуваат области што никогаш лично ги нема искусено (пр. одење во вселената).
- Преговара со врсниците во текот на играта
- Игра со врсници во мали групи, составуваат свои игри со правила
- Игра колективни игри, но обично не се справува со пораз.
- Ужива во игри со други деца од сопствен пол
Како може да се препознае дете кое има потешкотии во социоемоционалниот развој?
- Намалено внимание и концентрација
- Лесно се пренасочува од една активност до друга, без да игра вистински со играчката
- Ги фрла играчките на подот
- Има потешкотии при чекање на својот ред и споделување со другите
- Се вознемирува кога „губи“ во играта
- Не ги препознава чувствата на другите луѓе врз основа на нивните вербални и невербални знаци
- Има потешкотии при изразување и регулирање на емоциите
- Тешко воспоставува и одржуваат пријателства
- Секогаш бара возрасно лице да си игра со него
- Има ограничен избор на игри и играчки со кои си игра
- Најчесто сака да игра само
- Често ја прекинува играта
- Не е во состојба да одржува тема на разговор и дава паушални коментари за време на разговорот
- Не ги разбира последиците од своите постапки
Напомена:
- Оваа листа за проверка на стекнатите вештини се однесува на „типичниот“ развој на децата на одредена возраст. Секоја фаза на развој претпоставува дека се постигнати вештините од претходните фази.
- Оваа листа служи за проверка на функционалноста на детето во одредено подрачје на развојот, на одредена возраст, но таа не може да се користи за проценка, ниту одразува строго стандардизирано истражување.
- Оваа листа за проверка може да ја користат родителите или наставниците за да видат дали детето ги има усвоено вештините кои се карактеристични за одредена возраст. Доколку кај одредено дете се видливи одложувања во развојот, се препорачува консултација со стручни лица кои ќе ја утврдат потребата од соодветна поддршка на детето.ces, Engineering, and Medicine, NW Washington, DC 20001