Picture Exchange Communication System (PECS)
Комуникацискиот систем со размена на слики е пристап кој се користи кај деца и возрасни кои што имаат потешкотии во комуникацијата. Истражувањата покажале дека тоа е ефикасна метода која им помага на децата/возрасните кои немаат развиен вербален начин на комуникација, со својата околина да комуницираат со помош на слики.
PECS е развиен во 1984 година од страна на Lori Frost, MS, CCC/SLP и Dr. Andrew Bondy . За прв пат бил користен во програмата за третман на аутизам во Делавер.
Иако во почетокот постоеле мислења дека овој пристап не ја поттикнува вербалната комуникација, подоцнежните истражувања укажале дека PECS не ја оспорува и не ја намалува вербалната комуникација, затоа што секогаш се користи во комбинација со вербализација. Студиите исто така покажуваат дека PECS во голема мерка делува на модифицирање на социјално неприфатливото однесување. На пример, една индивидуа може да манифестира социјално неприфатливои однесување поради задоволување на основна потреба (пр.глад, жед). Сепак поради неможноста за комуникација околината не може да го разбере тоа однесување и нивните потреби ќе останат неисполнети. Доколку лицето со потешкотии во комуникацијата има пристап до комуникациски слики, тој може брзо да ја соопшти својата потреба и истата да биде задоволена.
Луѓето кои користат PECS се учат да пристапат кон друга личност и да им дадат слика на посакуваниот предмет, активности и слично. Со тоа, лицето е во состојба да иницира комуникација.
Започнува со размена на едноставни икони, но брзо гради и структура на „реченици.
Учењето поминува низ шест фази :
I фаза на PECS: Детето/возрасното лице се учи да разменува единечни слики за предмети или активности што се од интерес.
Фази на PECS II: Користејќи ги единечните слики, детето/возрасното лице учи да генерализира нова вештина и да прави трансфер на знаењето во слични ситуации на различни места, со различни луѓе и на соодветно растојание.
III фаза на PECS: Детето/возрасното лице учи да прави избор од две или повеќе слики за да ги побара своите омилени работи. Избраните слики се ставаат во книга за комуникација.
IV фаза на PECS: Детето/возрасното лице учи да конструира едноставни реченици со помош на слика од глаголот „Сакам“ проследена со слика на предметот што се бара.
V фаза на PECS: Детето учи да користи PECS за да одговори на прашањето: “Што сакаш?”
VI фаза на PECS: Детето/возрасното лице се учи да дава коментари со употреба на различни глаголи. Тие учат да измислуваат реченици почнувајќи со гледам, слушам, чувствувам, тоа е, итн.
PECS може да се користи во домот или во училницата а процесот на учење го изведуваат лица-PECS имплементатори кои поминале сертифицирана обука од страна на лиценцирани PECS консултанти.
Постојат 3 нивоа на сертификација за PECS:
Ниво 1. PECS имплементатор (PCI-1)
Ниво 2. PECS имплементатор (PCI-2)
Ниво 3. PECS консултант (PCM)