Моторните нарушувања се резултат на неправилно функционирање на нервниот систем кои предизвикуваат неволни или неконтролирани движења на телото. Овие нарушувања можат да предизвикаат неможност за волеви движења или присуство на придружни неволеви движења. Моторното нарушување влијае на контролата на движењето на мускулите, што често ја ограничува подвижноста.
Децата со моторни нарушувања може да имаат потешкотии со: движење на делови од телото или целото тело, говорот и невербална комуникација (изразите на лицето не секогаш ги откриваат вистински емоции – т.е. детето може да се чини дека е насмеано, но е многу луто или тажно). Кај децата често се забележуваат неволни мускулни движења (грчеви), мускулна слабост или затегнатост, потешкотии во оддржувањето на рамнотежата, како и во координацијата око-рака. Често може да бидат несмасни, да се удираат од предметите (инвентарот) во непосредната околина, да се сопнат или да паднат или да имаат потешкотии во координирање на мускулите за време на активноста, потешкотии во социјалната интеракција со други деца (и возрасни), потешкотии со вниманието, како и потешкотии во когнитивниот и говорниот развој.
Мобилноста (подвижноста) може да биде нарушена од низа фактори. Некои се постојани, други се од привремена природа. Повредите исто така можат привремено или трајно да влијаат на мобилноста.
Овие деца имаат повеќе потешкотии во учењето. Пред да се прифатат во процесот на инклузивно образование потребно е училиштето да биде технички и кадровски подготвено, а наставникот трпелив и умерен во барањата.
Што треба да обезбеди училиштето за учениците со моторни нарушувања?
- Влезот во училиштето да биде заеднички за сите учениците, вклучувајќи ги и учениците со моторни нарушувања;
- Влезовите треба да имаат и пристапна рампа која ќе биде доволно широка за децата со инвалидски колички;
- Патеките и ходниците да бидат доволно широки и да овозможат мобилност на ученикот со моторни нарушувања;
- Во ходниците да се постават ракофати, со што би се олеснило движењето кај овие деца;
- Вратите од училниците да бидат лесни за отварање, односно рачките на вратите да соодветствуваат со возраста и попреченоста кај децата;
- Тоалетите да бидат пристапни и адаптирани (доволно широки, да имаат ракофати, со соодветни тоалетни шољи) за деца со инвалидски колички;
- Мебелот во училницата да не е фиксен, туку мобилен со што би се обезбедило подобро организирање на просторот при изведување на активностите со детето со моторни потешкотии;
- Столчињата и клупите да бидат со прилагодлива висина, според возраста на детето;
- Помеѓу клупите да има доволно простор;
- Подот во училиштето да е направен од нелизгав материјал;
- Таблата и полиците да им се на дофат на сите деца, вклучувајки ги и децата со инвалидска количка.
Препораки при работа со ученик со моторни нарушувања
- Прифаќање на ученикот во групата
Наставникот да креира заеднички активности каде другите ученици ќе му помогнат на детето со моторни нарушувања во изведувањето на истите. Исто така наставникот треба да го организира распоредот на седење на учениците во клупите. Кога на учениците им се дозволува сами да го бираат местото на седење, секогаш настанува раздвојување во училницата. Учениците со моторна попреченост не ретко имаат ниска самодоверба и избираат да седат во задниот агол. Затоа наставникот ги спојува учениците со моторни нарушувања со учениците со типичен развој како би се подобрила нивната прифатеност.
- Материјалите за работа да бидат на дофат на ученикот со моторни нарушувања
Модифицирањето на материјалите може да има големо влијание врз независноста кај учениците со моторни нарушувања. Така на пример за да може ученикот со моторни нарушувања самостојно да пишува добро е да се додадат стеги на моливите и боичките со што подобро би можел да ги држи и употребува. Исто така обезбедувањето на соодветни технички помагала (асистивна технологија) за непречено одвивање на наставата е неопходно.