Реедукација на психомоторика (терапија со движења) е волева, организирана и насочена активност која го стимулира развојот на децата користејќи ги движењата. Преку движењата, детето се запознава себе си, своето тело и другите во однос на себе и така станува свесно за своето постоење во просторот, ги зацврстува просторно-временските односи, а преку моторните активности развива и потреба за дружење, комуникација и социјализација.
Преку движењата кај детето се реинтегрира функционалниот интегритет на психомоторните вештини а сензо-моторните искуства се поттикнуваат, повторуваат и надградуваат. Преку реедукација на психомоторните вештини, се реализира и физички дијалог помеѓу детето и реедукаторот, на детето му е овозможено повторно да ги искуси претходните фази на доживување на телесниот интегритет, фазите на развој за просторот и времето, односно сите оние фази што оставиле недоволно јасни искуства во мозокот.
Реедукацијата на психомоторните вештини претставува мултидимензионален пристап во работата со деца и возрасни со психомоторни нарушувања, што преку движење и тон се постигнува и физичка и вербална комуникација.
Терапевтската програма се базира на индивидуалните способности, разлики и можности на детето, развојни потреби и чувства. Со секое дете се работат вежби согласно изработената проценка во делот на организираноста на психомоториката, организираност на праксијата, гностичките функции, праксо-гностички функции, организираност на сознајни функции и говорот.
Преку психомоторна реедукација, се применуваат општи вежби за реедукација и вежби за психомоторна реедукација:
-
- Вежби за доживување на субјективниот и објективниот простор
- Вежби за доживување на времето
- Вежби за дефинирање телесниот интегритет
- Вежби за независност на движењето
- Вежби со пасивни движења
- Вежби за контрола на импулсивноста
- Вежби за латерализација врз себе и другите
- Вежби за организација на сознајните функции и др.
Реедукацијата на психомотриката се применува во третман на деца со дисхармоничен развој, диспраксички потешкотии, первазивни развојни нарушувања, интелектуална попреченост, говорно-јазични проблеми и проблеми во однесувањето, како и кај хиперкинетско однесување и специфични проблеми во учењето и училишните вештини.
Проценката и третманите ги реализира стручно лице кое има завршено соодветно образование во делот на специјалната едукација и рехабилитација.