На децата им требаат рутини. Од моментот кога ќе се роди детето, рутините се начин на живот. Родителите го планираат времето и начинот на јадење, времето и начинот на заспивање на своите деца, промената на пелената итн. Како што детето расте, родителите воспоставуваат нови рутини (пр. време за дневен одмор, време за оброци, време за прошетки, спиење итн.). Без разлика колку години имаат децата, тие имаат потреба родителите да им помогнат при воспоставувањето на нови рутини.
Зошто се важни рутините? –Мозокот на детето се развива и созрева секој ден. Сепак, деловите од мозокот кои се одговорни за планирање, донесување одлуки и одговорност за себе не се зрели до 23-та година од животот. Ова значи дека повеќето „деца“ не воспоставуваат свои рутини за одредени активности додека не бидат млади возрасни.
Како да го направите воспоставувањето на рутините помалку стресни? – Прво, имајте реални очекувања. Просечно, детето ги исполнува барањата од родителите не повеќе од 40% од времето, а честопати се потребни 5-6 потсетувања пред детето да изврши одредено барање. При воспоставувањето на рутините, стресот е неизбежен. Сепак, постојат начини истиот да го редуцирате, како кај вас, така и кај Вашето дете. Важно е да се придржувате кон неколку клучни аспекти при воспоставувањето на рутините:
-
- Предвидливост
- Доследност
- Соодветност (очекувања, последици, развојни разлики)
Треба да се напомене дека понекогаш е навистина тешко да се биде предвидлив и доследен и рутините да се прилагодат на развојните потреби на Вашето дете. Родителството се учи и важно е родителите да знаат дека не секој пристап е соодветен за секое дете. Децата се способни да следат рутина. Сепак, на повеќето деца им треба визуелна поддршка за да знаат што треба да прават во одреден период од денот. Можете да им помогнете со изработка на дневен и неделен распоред со клучните задачи за тој ден. Можете да користете табла на која ќе се запишат активностите или ќе се обележат со слика. Важно е визуелниот распоред јасно да ја посочува активноста, како и времето кога таа треба да се заврши. Исто така, визуелниот распоред може да биде направен на посебен лист или хамер, кој ќе го закачите на вратата од детската соба или на место каде детето поминува најголем дел од денот.(фото – визуелен распоред)
Како најголеми предизвици и за децата и за родителите се т.н. транзиции или поминувањето на детето од една во друга активност. Многу деца имаат потешкотии при преминувањето од една на друга активност. Вие како родители можете да им помогнете на децата овој премин да биде помалку стресен за нив:
-
- Направете ги транзициите предвидливи со користење на визуелни распореди кои можат да ги гледаат секој ден.
- Нагласете му на Вашето дете дека треба да премине од една кон друга активност (пр. „Треба да почнеш да ги собираш играчките, време е за ручек“ или „Треба да почнеш да се облекуваш, време е за поаѓање во училиште)
- Дајте му доволно време на детето да се подготви пред започнувањето на активноста.
- Бидете сигурни дали Вашето дете знае што се очекува од него за време на транзицијата (пр. средување на просторот за игра).
- Важно е родителите да го мотивираат детето при следењето на дневните рутини, на позитивен и прифатлив начин.