РАЗВОЈ НА ФИНАТА МОТОРИКА
Фината моторика се однесува на вештини и активности кои вклучуваат користење на ситните мускули на шаката, како што се: цртање, пишување со молив, сечење со ножици, конструирање со коцки, откопчување/закопчување на копчиња, отворање/затворање на различни кутии и слично.
Степенот на развиеност на фината моторика значително влијае на резултатот од работата на детето, како и на брзината на извршување на задачите.
Стекнувањето на прецизни моторни вештини во себе вклучува голем број на независни вештини кои се надоврзуваат една на друга и на детето му овозможуваат ефикасно завршување на одредена активност.
Развиеноста на фината моторика има дирекно влијание при стекнувањето на вештини на детето од различни области:
- Академски вештини
- Вештини за користење на молив (боење, цртање, пишување)
- Вештини за користење на ножици (сечење)
- Игра
- Конструирање со коцки, местење на сложувалки, склопување на играчки и сл.
- Облекување и манипулација со кукли
- Користење на електронските уреди за игра (пр. манипулација со глувче)
- Грижа за себе
- Облекување – врзување на врвки, откопчување/закопчување на патент, копчиња и сл.
- Јадење – користење прибор за јадење, отворање/затворање на различни пакувања со храна (шишиња, тегли, пластични кутии, кеси и сл.).
- Одржување на хигиена – четкање на забите, чешлање на косата, користење на тоалет и сл.
Развојот на фината моторика на на возраст од 6 до 7 години
- Правилно го држи моливот, при што движењата се од прстите, не од рачниот зглоб
- Бои во рамките на линијата
- Правилно ги пишува повеќето букви и броеви
- Пишува во рамките на линиите
- Самостојно конструира фигури со Лего коцки или други конструктивни елементи
- Составува сложувалка од 20 дела
- Сече едноставни форми, следејќи ја линијата
- Црта цртеж со јасно препознатливи објекти на истиот
- Црта човечка фигура со повеќе од 6 дела
- Самостојно се облекува
- Користи нож и вилушка за мека храна
- Самостојно врзува врвки.
Доколку фина моторика е недоволно развиена, детето ќе се соочи со потешкотии во извршувањето на секојдневните активности (ограничени капацитети за развој на самостојноста при одржување на хигиена, облекување, јадење), пониски академски постигнувања и ограничен избор за игра. Како индиректна импликација може да се јави намалена самодоверба, што пак може да се рефлектира во социјалните релации со врсниците и во семејството.
Како може да се препознае дали некое дете има потешкотии со развојот на фината моторика?
- Избегнува и/или е незаинтересирано за активности во кои се бара употреба на молив, боички, ножици и сл.
- Избира физичка активност, за да избегне извршување на некоја задача „на маса“ (пишување, сечење, цртање итн.)
- Покажува интерес за „пасивни“ активности (пр. гледање телевизија, користење на електронски уреди и сл.)
- При соочување со предизвик, бараат родителите да ја завршат задачата за нив, без да се обидат сами да ја извршат.
Важно е да се напомене дека визуелната перцепција (прецизно со користење на видот – „гледање“ и толкување на тоа што се гледа), иако не е вештина од областа на фината моторика, директно влијае на изведбата на моторната вештина.
Напомена:
- Оваа листа за проверка на стекнатите вештини се однесува на „типичниот“ развој на децата на одредена возраст. Секоја фаза на развој претпоставува дека се постигнати вештините од претходните фази.
- Оваа листа служи за проверка на функционалноста на детето во одредено подрачје на развојот, на одредена возраст, но таа не може да се користи за проценка, ниту одразува строго стандардизирано истражување.
- Оваа листа за проверка може да ја користат родителите или наставниците за да видат дали детето ги има усвоено вештините кои се карактеристични за одредена возраст. Доколку кај одредено дете се видливи одложувања во развојот, се препорачува консултација со стручни лица кои ќе ја утврдат потребата од соодветна поддршка на детето.