Марија Монтесори го започна своето патување во образованието работејќи со деца со попреченост. Нејзиниот метод и материјали најпрво беа развиени врз основа на набудувањата на децата со кои најпрво работеше.
Марија Монтесори беше со години пред своето време во своите набудувања и решенија за проблемите со кои се соочуваат наставниците кога работат со учениците со поопреченост.
Често родителите и наставниците се прашуваат дали Монтесори методот е соодветен за работа со ученици со попреченост?
Монтесори околината е идеална за учениците со попреченот бидејќи акцентот е ставен на индивидуата, а работата е насочена кон развој на вештини и стекнување знаења што му се даваат на учениците за време на индивидуалните презентации во рамките на социјално опкружување од ученици со типичен развој.
Монтесори методот честопати е одговор за многу деца кои се чувствуваат исклучени во традиционалните училници каде седењето во клупа или предавањето на лекции се единствениот метод на настава. За учениците со попреченост и нивните семејствата кои се чувствуваат под притисок да се вклопат во „калапот“ на традиционалните наставни програми, Монтесори методот обезбедува алтернативен пристап кој им овозможува да го водат своето образование, наместо да бидат водени кон него.
Предности на инклузијата на учениците со попреченост според Монтесори методот
-
- Учениците со попреченост постигнуваат најдобар успех кога работат во јасно структурирана рамка на активности. Тие сакаат да знаат „што следно ќе се случи“. Транзицијата од една на друга активност оди тешко ако децата не се предходно адекватно подготвени. Тие имаат потреба од јасен ред и редослед. Оваа потреба е задоволена во Монтесори околината. Материјалите секогаш стојат на исто место, по ист редослед. Работата со материјалите секогаш се изведува во ист правец, од лево кон десно. Постои јасно дефинирана рамка на однесување и работа, од самото влегување во училницата. Слободата е дадена во јасно дефинирана и структурирана рамка. Дополнително, организацијата и структурата на Монтесори училницата им помага на учениците да развијат организациски вештини за управување со времето, што води кон независност.
- Монтесори училницата е богата со убави дидактички материјали кои ги активираат сите сетила. Материјалите се примамливи, вклучуваат можност учениците сами да се контролираат, манипулативни и терапевтски. Тие им даваат извонредна шанса на учениците со попреченост да ги користат рацете за да истражуваат и учат. Манипулацијата со Монтесори материјалите за децата со емоционални и бихејвиорални проблеми може да биде терапевтска во вистинска смисла на зборот.
- Учениците во Монтесори училницата се охрабруваат да работат и учат според сопствен ритам. Тоа ја намалува склоноста на учениците да го споредуваат својот напредок со своите врсници или да забележат дека нивниот соученик е повеќе или помалку напреднат. Ова го елиминира впечатокот дека „заостануваат“, што учениците со попреченост може да го чувствуваат во традиционалните училници.
- Во Монтесори педагогијата, односно во Монтесори филозофијата акцентот се става на мирот, соработката и почитта кон разликите. Децата кои што се воспитани во овај дух, помалку ги задеваат и избегнуваат учениците со попреченост. Напротив тие вложуваат напори да ги прифатат, се спријателат и охрабрат учениците со попреченост.
- Монтесори учителите (специјалните едукатори и рехабилитатори) се обучени набљудувачи кои содветно ја конструираат и подготвуваат околината во согласност со потребите на секој ученик, секогаш водени од начелото „Помогни ми да го сторам тоа сам“.
- Монтесори подготвената околина му овозможува на ученикот самостојно да ги извршува активностите. Со тоа расте неговата самодоверба и вербата во своите способности и можности, но и свесноста за своите ограничувања и слаби страни.
Недостатоци на инклузијата на учениците со попреченост според Монтесори методот
-
- За некои ученици со попреченост класичниот Монтесори материјал е претежок. Затоа постојано треба да се изработува дополнителен адаптиран Монтесори материјал.
- Кај учениците со аутизам кои се на пониско функционално ниво многу тешко се постигнува тие да се занимаваат со слободна активност според Монтесори принципите.
- За некои ученици со АДХД Монтесори училницата е премногу стимулативна. Подготвената околина со многу голем избор претставува оптоварување за нив. За нив е потребна високо структуирана околина со тесни граници и со подиректно водење од страна на возрасниот.
- Во нашата земја постојат мал број на специјални едукатори кои имаат завршено Монтесори обука
Монтесори материјалите
Според Марија Монтесори детето треба да се најде во опкружување чиј потикнувачки карактер му овозможува да ги оформува и развива своите потенцијали. Ова може да се постигне само преку добро подготвена околина со материјали кои ќе одговараат на сензибилните фази на децата.
Марија Монтесори ги развила материјали низ долгогодишната пракса на набљудување и работа со децата. Тие можат да се поделат во три основни групи:
Практични
Тоа се материјали кои се среќаваат во секојдневниот живот и кои ќе му помогнат на ученикот да развие поголема самостојност и сигурност во секојдневните активности. Овие материјали се особено значајна поддршка за учениците кои се образуваат според модифицирана програма.
Можат да се поделат во неколку групи:
-
- Грижа за сопствената личност во кои спаѓаат материјали кои ќе му помогнат на ученикот самостојно да го извршува хранењето, облекувањето, обувањето итн. Преку овие материјали детето ја вежба фината моторика и визуелно – моторната кординација, функции значајни за посложените активности како читањето, пишувањето.
- Грижа за околината преку кои учениците се оспособуваат за извршување на активности во околината. На пр. им се покажува како се сервира масата, како се негува цвеќето, се чисти масата, подот итн.
- Форми на однесување во заедницата преку кои учениците се учат на правилно нудење и одбивање на нешто, почитување на работата и толеранција на другиот и сл.
- Контрола на движењето преку кои се вежба контролата на грубата моторика и рамнотежата