Диференциран пристап во учењето
За активно и продуктивно учество во училишните активности, учениците со попреченост имаат потреба од дополнителна поддршка. За таа цел наставниците се тие кои прават целни интервенции, односно применуваат диференциран пристап во планирањето и реализацијата на наставата за да им овозможи на учениците да учествуваат и можност да ги достигнат саканите резултати од учењето.
Диференцијацијата претставува прилагодување на наставата и учењето кон потребите и можностите и способностите на учениците. Диференцијацијата е процес со кој се планираат активностите во врска со резултатите од учењето од наставната програма, методите на учење и активностите на учење за да се задоволат потребите на секој ученик поединечно. Со неа се обезбедува задачите да соодветствуваат на индивидуалните потреби на сите ученици, вклучително и на учениците со попреченост.
При диференцијација може да се користат различни стратегии:
-
- Секој ученик работи на своја задача, со свое темпо;
- Предавањето се сведува на т.н. „средно ниво„ (ист материјал, исти прашања, исти упатства) за сите ученици, но оние кои се на повисоко ниво добиваат посложена задача, додека оние кои имаат потешкотии од било каква природа добиваат дополнителна помош;
- Поделба на паралелката во групи според способности (секоја од групите добива различна по сложеност задача, но целите на учење се исти);
- Задачаите се подредени по сложеност, така што до најсложените задачи стасуваат само најдобрите);
- Се задава иста отворена задача и секој ученик работи со максималниот квалитет што може да го постигне, а учениците со попреченост добиваат дополнителна поддршка и помош;
- Учениците сами избираат задачи кои ќе ги решаваат;
- Сите имаат исти задачи, но во групата учениците си помагаат едни на други;
- Сите ученици добиваат исти работни листови и ги решаваат задачите со сопствено темпо, (учениците со интелектуални пречки добиваат адаптирани задачи кон нивните интелектуални можности);
Сите ученици обработуваат одделен аспект на темата, но секој на свој начин.