Визуелната поддршка е збир на визуелни „алатки„ кои му помагаат на поединецот во неговото секојдневно функционирање. Визуелната поддршка вклучува еден или повеќе визуелини прикази на предмети, луѓе, ситуации, знаци и/или зборови за планирани активности прикажани по редослед на изведување. Ваквиот вид на поддршка се учи постепено, по пат на физичка поддршка и минимална вербализација. Се користи за полесно ориентирање во просторот и времето, додека пак крајната цел би била поголема самостојност на личноста во секојдневни ситуации.
Многубројни истражувања покажуваат дека визуелната поддршка особено ја користат лицата сопопреченост, односно лицата со аутистичен спектар на нарушувања. Овој податок претставува цврста основа за разбирање на перцепцијата на лицата со аутизам, нивниот начин на учење, помнење, размислување, како и за планирање на начинот на подучување, односно учење. Визуелната поддршка се покажува како особено успешна кај зголемената зачестеност на просоцијалните однесувања, во организацијата на однесувањата, соработката со другите, развојот на јазичките вештини и самостојноста, како и намалувањето на несакани однесувања кај лицата од различна возрасна група и во различни ситуации.
Кому е потребна визуелна поддршка?
Потреба од воведување на визуелна поддршка можеби постои кај:
-
- Лица кои потешко ги следат вербалните налози;
- Лица кои имаат потешкотии да го разберат она што се опишува и/или посочува, а при тоа да не се посочи кон предметот и/или насоката кон која треба да се движи;
- Лица кои тешко остануваат насочени кон одредена активност или задача која ја исвршуваат;
- Лица кои се вклучуваат во повремени тантруми при транзиција од една во друга активност или од едно во друго опкружување.
ВИЗУЕЛНИ РАСПОРЕДИ
Ако нешто може да ни помогне при креирањето на рутини и организација на времето, тогаш тоа за сигурно е добро искреиран распоред на активности. Независно дали распоредот е во форма на слика или текст, тој ни помага да го испланираме и организираме целиот ден и да ги реализираме задачите кои ни се зададени и/или кои си ги задаваме самите на себе. На лицата со аутизам визуелните распореди им овозможуваат предвидливост, тие се многу поразбирливи бидејќи се доста конкретни, за разлика од говорот кој за овие лица е апстрактен и тежок за разбирање.
Визуелните распореди можат да бидат изготвени во форма на:
-
- План на дел од денот или пак цел ден;
- План на одредени активности (пр. активности за време на обавување на оброк);
- План на изведување на одредени ситуации (пр. одење на фризер);
- Приказ на чекори за извршување на некоја посложена активност (пр. постапност за миење на раце).
Се препорачува, распоредот / планот да се изработува заедно со лицето со попреченост, односно лицето со аутистичен спектар на нарушувања. Некои активности ги одбираме ние самите, додека некои препуштаме да ги одбере самото лице и истите да ги вметне во распоредот. Нудењето можност за избор е доста препорачливо бидејќи ја зголемува мотивацијата за соработка на лицето со родителот, наставникот, околината.