Начела на концептот TEACCH
1. Начинот на однесување кој е карактеристичен за лицата со аутизам го карактеризираат два аспекти:
-
-
-
- Повлекување, што значи избегнување на „хаосот“. Детето само се депривира, покажува рестриктивни начини на однесување и се повлекува во познати активности.
- Состојба на возбуда (радост, страв…).
И двата аспекти го попречуваат детето да го запознае и да го разбере светот што го опкружува.
2. Се овозможува учење на способности и вештини кои се неопходни за вклучување на детето/лицето во средината, на начин што му се помага на детето/лицето да ги надмине предизвикувачките начини на однесување.
3. Родителите, воспитувачите, наставниците и терапевтите кои работат со деца/лица со аутизам, треба да го прифатат и да го почитуваат фактот „да се биде поинаков“. Тие мораат да бидат отворени за „суштината“ и за особеностите на личноста со аутизам.
4. Неурамнотежениот развоен профил е значаен белег на децата и лицата со аутистичен спектар на нарушување. Во овој контекст, централно значење треба да се стави на индивидуализацијата на поддршката.
5. Со оглед на тоа што концептот не е посебна метода, туку интегративен педагошки концепт втемелен на теоријата на учењето, во практикувањето на истиот можат да се вклучат разнообразни интервенциски техники и тераписки форми.
6. Децата и лицата со аутизам имаат потешкотии да ги поврзат посебните сетилни аспекти и да ја сватат смислата на целината. За нив околината може да биде хаотична и неразбирлива. Една успешна интервенција мора да го има ова предвид и да нуди структуирање однадвор. На тој начин можат внатрешно да се преработат искуствата, да се намалат стравовите и да се овозможат процесите на учење.
Структуирано учење
Структуирањето треба да биде помош, а не ограничување на лицето со аутизам. Тоа треба да му ја направи околината попредвидлива и поразбирлива, да ја спречи несигурноста и дезориентираноста, а пред се да ја зголеми сопствената независност. Структуирањето никогаш не е цел само по себе, туку тоа влева сигурност, се зголемува флексибилноста и можностите за активност.
Структуирањето се однесува на три области:
-
- Просторот – Структуирањето на просторот треба да ја олесни ориентацијата. Работните и игровните подрачја треба јасно да бидат одвоени.
- Времето – Лицата со аутизам имаат големи потешкотии да го запамтат прегледот на дневните активности и на нивната поврзаност. Тие имаат потреба од прегледност и предвидливост. Овие предизвици можат да се надминат со изготвување на визуелен распоред на дневните активности.
- Активностите – Неструктуираните периоди кои децата/лицата со типичен развој ги чувствуваат како слободно време, за лицата со аутизам се предизвик и се поврзани со голем стрес. Затоа е важно да се структуираат активностите однапред.
На прв поглед концептот TEACCH можеби изгледа многу механички, бидејќи се заснова на јасни структури. Сепак, во основата на овој концепт стои почитта кон индивидуалноста на детето/лицето со аутизам.
Важно е да се напомене дека практикувањето на TEACCH концептот подразбира едукација и сертификат за комплетирана обука од лиценцирани TEACCH професионалци.