Индивидуалниот образовен план го изработува инклузивниот тим за ученик (ИТУ) кој се формира од страна на директорот во училиштето. Членови на овој тим се:
- наставниците на ученикот, родителот односно старателот, педагогот, односно психологот, односно социјален работник во училиштето, специјалниот едукатор и рехабилитатор.
Членовите на инклузивниот тим за ученик во фокусот на својата работа имаат конкретни ученици и изготвување и реализирање на нивните индивидуални образовни планови. ИТУ функционираат во период до завршување на основното образование на ученикот.
ИОП-от за ученикот со потешкотии во учењето согласно неговите индивидуални потенцијали и потреби, се изработува во рок од 30 дена од денот на започнување на настава на ученикот во училиштето и ги спроведува мерките за дополнителна поддршка во учењето согласно препораките од стручните тела за проценка на дополнителна образовна, здравствена и социјална поддршка на деца и младинци. При изработка на ИОП-от, инклузивниот тим за ученикот соработува со останатите наставници и стручни соработници вклучени во образовниот процес на ученикот.