Формите за поддршка од врсниците во училиштата се користат многу одамна.
Со процесот на диференцијација во наставата и создавање услови за унапредување на инклузивното образование во РСМ, врсничката соработка е пропишана и во Концепцијата за инклузивно образование, каде се вели дека активностите во кои се вклучуваат децата врсници во училиштата пред се се организирани и опфаќаат
-
- подигање на свеста за прифаќање на различностите,
- подобрување на постигнувањата кај сите ученици,
- поттикнување и унапредување на инклузивната клима во училиштето и во училницата,
- овозможува секое дете да почувствува дека е прифатено, ценето и вредно,
- заедничкото решавање на конфликтите создава клима во која има споделена одговорност и каде од учениците се бара заеднички да ги решаваат.
Процесот на организирање, во себе вклучува еден проактивен пристап на планирање, организација, водење и контрола на активностите кои се стремат кон Европските трендови за системска инфраструктура преку која децата врсници ќе бидат во можност да стекнат вештини и знаења за различностите.
Стекнатите вештини и знаења ќе им помогнат да разберат одредено предизвикувачко однесување на своите “различни“ другарчиња како и одредени пристапи и техники со кои ќе бидат во можност да им понудат помош и поддршка.
Поддршката од врсници во училиштата може да се реализира преку различни форми:
- Формирајте дијади (парови) помеѓу ученикот со попреченост и децата врсници. Учениците со попреченост работат со своите пријатели од одделението на решавање на академска задача, транзиција од еден во друг образовен период, прифаќање на промените кои се случуваат во училиштето (промена на наставник, ненадејни звуци и сл.).Во однос на решавање на академска задача на ученикот со потешкотии во учењето потребно му е:
- Помош во организација на материјалите за работа за извршување на задачата
- Потсетување на правилата за однесување во училница и следење на наставникот за време на часовите
- Преминување од една во друга училишна просторија
- Комуникација со останатите ученици
- Поттикнување за учество во дискусија и вклучување во групни активности
- Парафразирање на материјалот за учење
- Запишување на усниот одговор кој го дава ученикот со попреченост
- Воочување на клучни сегменти од материјалот кој треба да се изучува
- Формирајте дијади (парови) со останати ученици од училиштето во насока на учество/вклучување во неструктурираните периоди од денот (одмори, игри во училишен двор). Овие дијади се погодни и да се избегне врсничкото насилство (булинг).
- За да се спречи зависност од еден ученик, врсниците во дијадите и групите со текот на времето и активностите се менуваат.
- Изградете систем/програма за поддршка за врсници. Поддршката за ученикот со попреченост треба да биде континуирана, а бројни истражувања покажале дека учениците врсници, посебно во повисоките одделенија треба да имаат мотивација за да ја реализираат својата задача како тутор или медијатор.
- Регрутирајте ги врсниците и во активностите за време на посебни училишни настани (училишни клубови, патронати) како и за време на воннаставни активности
- Со помош на родителите, вклучувајте ги врсниците и во поддршка на нивните соученици со попреченост во изработка на домашните задачи.
- Искористете ги јаките страни на ученикот со попреченост во учењето за да изградите односи со врсниците. Често учениците со аутистичен спектар на нарушување се одлични во работа со компјутери па лесно може да ги научи своите соученици како да користат компјутер.