Меѓународна класификација на
функционирање, попреченост и здравје
Реформата на процесот на проценка на потребите на лицата со попреченост ја иницираа Министерството за труд и социјална политика заедно со Министерството за здравство и Министерството за образование и наука со цел да се обезбеди уживање на истите права на лицата со попреченост како и сите други лица.
Зошто е потребна промена на моделот на проценка?
Само здравствената состојба не може целосно да ги објасни ограничувањата на учеството. На пример, едно дете со церебрална парализа кое користи количка, може да доживува умерени ограничувања на учеството во домашна средина која е прилагодена, но може да се соочи со целосни ограничувања на учеството во училиштето поради немање пристапни рампи, соодветен тоалет и поради негативни ставови на непосредната средина.
Досега, во нашата земја не постоеше еден единствен систем/протокол за идентификување на попреченоста. Потребно е социјалниот, здравствениот и образовниот сектор систематски да соработуваат за да се зголеми стапката на идентификација на децата со попреченост на рана возраст. За таа цел, изготвен е нов модел за проценка на потребите на децата и лицата со попреченост, во согласност со Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје (МКФ).
Што е МКФ?
МКФ е рамка за организирање и документирање на информациите за функционирањето и попреченоста. Како дел од семејството на меѓународни класификации на СЗО, МКФ обезбедува рамка за кодирање на сите информации за функционирањето, здравјето и попреченоста, при што се користи стандардизиран заеднички јазик. Тоа овозможува непречена комуникација во различни дисциплини и науки, низ целиот свет.
МКФ е комплементарна класификација на Меѓународната класификација на болести (МКБ) и на тој начин помага да се појаснат разликите меѓу здравствените состојби (болести, нарушувања, повреди и сродни состојби) и попреченоста.
Со новиот модел фокусот се става на проценка на она што може едно лице да достигне доколку се работи на развивање на неговиот/нејзиниот потенцијал.
МКФ ги класифицира информациите за функционирањето и попреченоста, таа не ги категоризира децата и младите со попреченост, не поставува дијагноза.Во неа се користи био-психо-социјален пристап за разбирање на попреченоста и на тој начин го интегрира медицинскиот и социјалниот пристап на проценка.
Развојот на потенцијалот во комбинација со отстранување на ограничувањата во околината ќе овозможи активно и целосно учеството во општеството. Затоа е важно да се идентификуваат и утврдат потребите за дополнителна образовна, здравствена и социјална поддршка на секое дете или младинец со попреченост, со цел достигнување на својот потенцијал.
Имплементација на МКФ
Процесот на имплементација на функционалната проценка според МКФ во нашата земја започна во април 2019 година. Во овој период на пилотирање беа формирани две Стручни тела за проценка, координирани од страна на Националното стручно тело.
Секое од Стручните тела е составено од четири постојани членови:
- Лекар
- Психолог
- Специјален едукатор и рехабилитатор
- Социјален работник
Освен постојаните членови, Стручното тело има и повремени членови (ортопед, физијатар, психијатар, невролог, офталмолог, логопед итн). Бројот на повремени членови се менува во зависност од потребата на детето.
Повремени членови на стручното тело се и родителите на детето и едно лице од доверба кое ќе биде избрано од самите родители. Лицето од доверба може да биде лице кое директно работи со детето и може да даде увид во здравствена, психичка, физичка итн. состојба на детето (наставник, училишниот психолог или педагог, физиотерапевт, воспитувачка од градинка, неговател, член на семејството и др)
Освен двете Стручни тела за функционална проценка во Скопје, во наредниот период ќе се формираат уште седум Стручни тела за проценка во внатрешноста на државата.
Во новиот модел на проценка:
- Членовите во стручните тела се професионално вработени лица.
- Се воведуваат стандардни обрасци за работата на сите стручни тела
- Се воведува централна електронска евиденција за работата на стручните тела.
Идентификација / Барање за започнување на постапка за проценка
Идентификацијата на одреден „проблем“ во функционирањето на детето може да се случи на различни начини и од страна на различни лица (родителите, роднините, воспитувачите, наставниците, матичниот лекар, некој сосед и сл).
Секој може да ги поттикне родителите да го започнат процесот на проценка, но конечната одлука и закажувањето на проценката ја донесуваат родителите/старателите на детето.
Проценка на потребите на детето за дополнителна поддршка се прави на барање на родителите или старателите на детето, но може да се направи и по службена должност (на иницијатива на училиштето, градинката, даватели на социјални услуги), со согласност на родителите или старателите.
Барањето за покренување на постапка за проценка содржи:
- лични податоци за детето (име и презиме, единствен матичен број, датум и место на раѓање, место на живеење)
- име и презиме на родителите или старателите на детето и податоци за контакт (доколку детето е сместено во институција за социјална заштита и информации за институцијата)
- причини и образложение за започнување на постапка за проценка
Други важни информации
- Стручното тело иницира средба со родителот или старателот и врши прием на документи.
- Документите се предаваат на стручното тело од страна на родителите или старателот во хартиена форма или се испраќаат електронски пред средбата.
- Родителот потпишува изјава за согласност за размена на податоци на сите лица кои се вклучени во процесот на проценка и спроведување на препораките.
- Еден од постојаните членови се одредува да биде одговорно лице за проценката.
- Одговорното лице за проценката се грижи да се спроведат сите потребни постапки и да се соберат релевантните информации и соодветно да се изнесат како наод и мислење.
- Родителот или старателот учествува во работата на стручното тело и ги обезбедува сите информации во врска со детето или младинецот релевантни за работата на стручното тело.
Како се спроведува проценката?
Детето доаѓа на закажаниот термин во Центарот за функционална проценка во присуство на едниот или двата родители. Претходно родителите ја имаат доставено медицинската документација. Во текот на терминот за проценка, членовите на Стручното тело разговараат со родителите и секој од својот домен врши проценка на функционалноста на детето. При проценката секој член на стручното тело работи во согласност со прописите во рамките на својата надлежност, како и стандарди и кодекси на пракса.
Проценката се врши во простории кои се пријатни за работа со детето. Освен во Центарот за функционална проценка, таа може да се реализира и во градинката, училиштето, дневниот центар и сл. По потреба може да се изврши и во домот на детето.
Во текот на проценката, важно е да се добијат информации од сите аспекти кои влијаат на учеството на детето во секојдневниот живот, посебно во однос на:
- Кои активности детето може да ги извршува?
- Кои се тешкотиите што може да ги има детето при извршување на активностите?
- Кои се проблемите што детето може да ги доживее при вклучување во животни ситуации?
Врз основа на добиените информации од проценката (документација, разговор со родителите, опсервација на детето, применети тестови…), Стручното тело за проценка изготвува експертиза (наод и мислење).
Експертизата содржи:
- Опис на функционалноста на детето и сегмети за кои е потребна дополнителна поддршка;
- Цели на учество кои треба да се постигнат со поддршката на детето;
- Препорачани услуги.
Врз основа на проценката, Стручното тело поставува цели на учество кои детето треба да ги достигне во одреден временски период. Јасно се наведува кој е одговорен за остварувањето на утврдената цел (градинката, училиштето, логопедот, семејството итн.).
Стручното тело одредува термин за реевалуација (пр.3 месеци, 6 месеци, 1 година, но не подолго од 2 години). На реевалуацијата се проверува дали препорачаните цели се остварени и се поставуваат нови цели.
Стручното тело за проценка ги одредува потребите од дополнителна поддршка за детето од доменот на:
- Здравство
- Образование
- Социјална заштита
Здравство | Образование | Социјална заштита |
|
|
|
НАЈВАЖНО:
Детето ќе го достигне својот потенцијал доколку сите чинители кои се вклучени во неговата поддршка взаемно соработуваат.