Првата верзија на Водичот за работа на училишниот инклузивен тим е изготвена во рамките на програмата Инклузивно образование во основното училиште, финансирана од канцеларијата на УНИЦЕФ, со цел да ги поддржи активностите на Министерството за образование и наука кои се насочени кон остварување на правата на децата за пристап и вклученост во образованието, како и подобрување на постигањата преку обезбедување повисок квалитет на образование за сите деца.
Имајќи предвид дека инклузивното образование има свои специфичности во системската поставеност, во содржините и организацијата на воспитно – образовната дејност, произлезе потребата од ревидирање на Водичот за работа на училишниот инклузивен тим и негово усогласување со последните законски и концепциски решенија за инклузивно образование.
Училиштата кои беа вклучени во програмата Инклузивно образование во основното училиште имаат одредена предност во имплементацијата и развојот на инклузивното образование, бидејќи тие посетиле соодветни обуки и реализирале различни активности кои се насочени кон подобро разбирање на инклузивното образование и јакнење на капацитетите на училиштата за „работење со различни групи ученици… обезбедување учество и поттикнување на учењето“. Дел од обуките и активностите се однесуваа на формирање тимови и развивање заедници за инклузија.
Овие училишта први формираа училишни инклузивни тимови (УИТ), стекнаа искуства во нивното работење и беа подготвени да ги споделат искуствата со други училишта. Дел од тие искуства и материјали се содржани во овој Водич.
Од практичари – за практичари. Водичот е изготвен од практичари – членови на инклузивни тимови од училиштата вклучени во Програмата. Првенствено е наменет за членовите на училишните инклузивни тимови. Тој треба да им помогне во планирањето, реализирањето и документирањето на работата на УИТ во основните училишта.
Водичот може да придонесе вработените во училиштето подобро да ја разберат улогата на УИТ, а на раководниот кадар може да му помогне во создавање добар систем за поддршка на учениците со ПОП и во создавање инклузивна училишна култура. Водичот, исто така, може да помогне и при самоевалуација и промоција на инклузивноста на училиштето.
Авторите на Водичот поаѓаат од идејата дека секој може да учи и да ги подобрува своите компетенции и работа. Тоа би сакале да биде водечка идеја на сите што работат во инклузивните тимови. Со таа цел ги споделуваат своите досегашни знаења и идеи за работата на училишниот инклузивен тим и истовремено се отворени за искуства и предлози на колегите. Првата верзија на Водичот беше пробно користена во шест основни училишта во период од речиси една учебна година. Согледувањата и сугестиите на инклузивните тимови од овие училишта, како и искуствата од практиката на поширок круг училишта се разгледани заедно со авторите на Водичот, а како резултат на тоа произлезе оваа ревидирана верзија.