РАЗВОЈ НА ГОВОРОТ И
КОМУНИКАЦИСКИТЕ ВЕШТИНИ КАЈ ДЕЦАТА
Развојот на говорот, најчесто се набљудува преку две главни области:
- Развој на рецептивниот говор (разбирање на говорот)
- Развој на експресивниот говор (зборување или употреба на гест и/или други алтернативни форми на комуникација).
Рецептивниот говор подразбира добивање информации и разбирање на нивното значење од страна на детето. Информациите детето може да ги добие како говорни пораки (пр. „Откако ќе завршиме со појадокот, ќе се спремиме за излегување“.), визуелни информации (пр. Зелено светло значи оди), звуци (пр. Сирената значи дека по улицата поминува итна помош) и писмени информации (пр. „Не фрлај отпадоци“, „Забранет влез“ и сл.).
Експресивниот говор се однесува на употреба на зборови, реченици, гестови и писмено изразување за да им се пренесат пораки на другите. Преку експресивниот говор детето ги именува предметите од околината, опишува дејствија и настани, прераскажува приказна, одговара на прашања, го искажува тоа што го мисли во писмена форма итн.
Зборувањето е можност да се користи гласот за да се произведат зборови и реченици за да се искажат своите потреби, желби, мисли и идеи и да се воспостави интеракција со другите. Исто така, зборувањето вклучува и можност за користење на различни модели на интонација за прикажување на емоциите.
Развој на говорот и комуникациските вештини на возраст од 6 до 7 години
- Ги кажува целото име и презиме, возраст, роденден и адреса
- Користи проширени реченици (Ја шутнав топката и таа отиде на патот)
- Користи зборови кои означуваат сродство: сестра, брат, баба, дедо
- Го кажува конечниот збор во спротивни аналогии (тенко – дебело)
- Раскажува познати приказна без слики за потсетување
- Користи сложени реченици („Таа сака да дојде затоа што___________“)
- Говорот е течен и правилен, користи описен говор
- Поставува прашања, дава одговори со повеќе реченици
- Ужива во шеги, пеење, римување, итн.
- Препознава нови зборови и прашува за нивното значење
- Може да ги анализира зборовите, да препознае од кои гласови се составени
- Точно ги копира слушнатите акценти
- Почнува да чита
- Си го пишува името и презимето
Разбирањето на говорот е важно за успешно комуницирање. Децата кои имаат потешкотии во разбирањето на говорот, тешко ги следат упатствата кои им се даваат дома или во училиштето, што влијае врз соодветното одговарање на поставените барања. Во рамките на училиштето, детето може да се соочи со потешкотии при одржување на вниманието или проблеми во однесувањето. Бидејќи повеќето училишни активности бараат добро разбирање на јазикот, детето ќе се соочи со потешкотии во совладувањето на содржините од наставниот план и стекнување на академски знаења, соодветни на возраста.
Најчести предизвици со кои се соочуваат децата кои имаат потешкотии во развојот на говорот:
- Намалено внимание и концентрација
- Потреба од повторување на инструкциите кои му се даваат
- Дава необични одговори на прашањата кои му се упатени
- Има потешкотии при слушање на приказни
- Избегнува да зборува
- Користи повеќе гестови отколку зборови
- Има потешкотии при писмено изразување
- Лесно се фрустрира
- Демонстрира предизвикувачко однесувањето
- Намалена самодоверба
- Сиромашни социјални компетенции.
Напомена:
- Оваа листа за проверка на стекнатите вештини се однесува на „типичниот“ развој на децата на одредена возраст. Секоја фаза на развој претпоставува дека се постигнати вештините од претходните фази.
- Оваа листа служи за проверка на функционалноста на детето во одредено подрачје на развојот, на одредена возраст, но таа не може да се користи за проценка, ниту одразува строго стандардизирано истражување.
- Оваа листа за проверка може да ја користат родителите или наставниците за да видат дали детето ги има усвоено вештините кои се карактеристични за одредена возраст. Доколку кај одредено дете се видливи одложувања во развојот, се препорачува консултација со стручни лица кои ќе ја утврдат потребата од соодветна поддршка на детето.