Интелектуалната попреченост се однесува на состојбата на детето чие ниво на интелектуално функционирање и адаптивните вештини се под просекот за дете на неговата хронолошка возраст.
Најчесто повеќе причини взаемно поврзани доведуваат до појава на интелектуална попреченост која може да биде предизвикана од голем број фактори. Во многу случаи тоа е резултат на генетски или хромозомски нарушувања. Во други случаи, може да се манифестира како резултат на повреди или болести што се јавуваат за време на бременоста или во раното детство, екстремната неухранетост на детето, несоодветната медицинска нега, изложеноста на токсини во животната средина, како и поради нестимулативна средина особено во раното детство.
Ограничувањата во интелектуалните способности се манифестираат со намалено внимание и концентрација, заборавање, тешкотии во учењето, тешкотии во помнењето и мислењето. Тоа придонесува овие ученици да имаат тенденција кон ниска мотивација и самодоверба. Во поглед на однесувањето, овие деца имаат тешкотии во социјалните и практичните вештини. Децата со интелектуална попреченост, исто така, честопати покажуваат недостатоци во вештините за самоопределување, правење избор, решавање проблеми и поставување цели. Понекогаш интелектуалната попреченост е придружена со дополнителни здравствени потешкотии како во физичкото, така и во менталното здравје.
Внимание
Вниманието е основната способност да се гледа, слуша и размислува за задачите кои се дадени во училницата во одреден временски период. Целата настава и учење зависи од тоа.
Вниманието претставува способност за решавање на две или повеќе задачи истовремено. Тоа е можност за придвижување на фокусот напред и назад помеѓу две или повеќе активности со кои се занимавате истовремено.
Без внимание, учење на нови работи едноставно не се случува, а прашањата не се разбираат, не се сфаќа новиот материјал и истиот не може да се меморира. Многу ученици со проблеми со задржување на вниманието често не се во можност да го следат часот и наставниот материјал презентиран од наставникот.
Со цел подолготрајно да се здржи вниманието на ученикот при изведување на дадената активност потребно е:
– Активноста да не биде премногу долга. Треба да се практикуваат пократки активности;
– Активноста да се објасни. Притоа да се користат насоки во повеќе формати: визуелен и вербален;
Помнење/меморија
Меморијата се однесува на можноста да се запомнат упатствата или да се чуваат информации во умот доволно долго за да можат во иднина да се искористат за извршување на одредени задачи, активности.
Концентрација
При работа со децата со интелектуална попреченост потребно е да се користат едноставни техники за релаксација за да се подобри концентрацијата, како што е длабоко дишење со позитивни визуелни слики. При планирање на задачите потребно е да се внимава на времето за ниското и високото ниво на концентрација. Некои деца имаат подобра концентрација наутро, за време на првиот и вториот час, други пак покасно после оброк или за време на четвртти и петтти час. Сето ова му помага на ученикот подобро да се фокусира на задачата. Просторот во кој се изведува активноста (задачата), не треба да биде пренатрупан со многу реквизити кои би му го одвлекувале вниманието и ученикот нема да може да се сконцентрира на зададената задача.
Играта е една од најважните методи за зголемување на концентрацијата. Постојат повеќе игри со кои се подобрува концентрација за децата како:
- Игри за размислување
Сложувалки и игри со карти, како што се „Меморија“ и „Уно“, го подобруваат вниманието. Исто така „Загатките со слики“ во кои ученикот треба да бара работи што „НЕ е во ред“ на сликата т.е. не е на соодветно место на сликата, го подобруваат вниманието и ја зголемуваат концентрацијата.
- Правење распоред
Редоследно поставување на масата или ставањето работи по азбучен ред се одлични активности за ученици кои имаат тешкотии во концентрацијата.
- „Само седи“
Оваа игра вклучува предизвик кој од ученикот бара да седи на стол без да се помрдне или да мрда за да види колку долго може да го стори тоа. Друга игра за подобрување на концентрацијата во оваа категорија е „Статуа“. Преку повеќекратни повторувања на играта, мозокот на детето се „вежба“ и се предизвикува. Така се зајакнува врската ум -тело и се подобрува фокусот.
- Забележи ја разликата
Овие игри помагаат ученикот подолг временски период да биде сконцентриран на активноста додека ги разгледува деталите на сликите. Најдобро е да се изберат слики за загатки што се соодветни за возраста на ученикот.
- Што недостасува?
Прочитајте низа од броеви или зборови кои му се омилени, и притоа прескокнете број/збор во процесот. Ученикот треба внимателно да се фокусира за да забележи кој е зборот/бројот што недостасува. Друга опција е да побарате од учениците да бројат наназад или да ја раскажат приказна по обратен редослед (при тоа треба да се внимава темата на приказната да одговара на возраста на учениците).
- Игра со меморија
Изберете тема, и вие и Вашиот ученик наизменично откривајте парови на картички од таа тема. Додека ученикот се обидува да се сети на секоја картичка, наставникот ја вежба неговата меморија, со што ја зголемува моќта на концентрација кај ученикот.
Учење
Еден од најмоќните начини на кои учениците учат е рутината. Рутината претставува низа од чекори за да се постигне одредена активност. Кога чекорите и вокабуларот се користат постојано, ученикот може да научи со набудување, учество и самостојно да ја заврши активноста. На учениците со интелектуална попреченост треба да им се задаваат задачи, односно да им се предаваат наставните содржини, такашто ќе бидат поделени во помали последователни чекори.
Корисни стратегии (техники) за учење кај ученици со интелектуална попреченост:
- Подготовка на училишната средина
Некои ученици реагираат добро во средина што е смирувачка, но други може добро да напредуваат во средина што има многу гужва и врева.
- Индивидуална работа со учениците
Кај учениците со интелектуална попреченост, најголеми резултати во процесот на учење се постигнуваат кога има индивидуален пристап.
- Разложување на активноста по чекори и постепено учење на секој чекор со постојано повторување на претходните
Дадете помали задачи за да го зголемите вниманието и да ја подобрите концентрацијата и мотивацијата. Проучувањето на целото поглавје во еден потег е доста тешко за ученикот. Секогаш помага кога задачите ќе се расчленат на страници или дури пасуси, така што детето ќе почувствува успех за завршување на мала задача и тоа ќе го мотивира да продолжи понатаму.
- Разбирање на методот на учење на ученикот (визуелно, аудитивно, кинестетичко)
Сите деца учат на различни начини. Некои деца лесно ги обработуваат информациите кога ќе ги видат, некои кога ги слушаат и други кога имаат практично познавање за нив и можат да ги допрат.
Важно е да набљудуваме и разбереме како учи ученикот затоа што ова ќе му помогне подобро да ги разбере информациите и учењето ќе биде повеќе долгорочно отколку краткорочно. На пр. доколку ученикот подобро памти визуелно, тогаш тој ученик најдобро е задачата да ја види.
Изработка на картички со зборови – Ако ученикот учи правопис, па дури и поими, запишете ги на мали картички и постојано покажувајте ги. Тоа ќе му помогне многу побрзо да ги разбере и научи овие концепти.
Цртеж – За некои деца, цртањето може да помогне подобро да се визуелизира материјалот. Барањето од ученикот да нацрта што учи може да му помогне подобро да го визуелизира материјалот, а исто така му помага да се развијат неговите фини моторни вештини.
Аудитивни – Учениците кои учат подобро кога ќе слушнат информации, се од аудитивни ученици. Овие ученици подобро учат со читање на материјалот на глас или слушање како некој друг чита. Во овој поглед, може текстот од лекциите да го снимите во аудио верзија или секако да користите аудио книги.
Музика – Слушањето музика исто така може да им помогне на децата подобро да се концентрираат за време не часот.
Кинестетички – Учениците кои учат на овој начин треба да имаат можност да го допрат и почувствуваат материјалот што го изучуваат со цел подобро да го разберат и процесираат. За овие деца, учењето преку практични апликации може да биде покорисно отколку читањето на глас или пишувањето.
При учењето потребно е:
- Да се даде можности за вежбање на иста активност или вештина, повеќе пати во различна средина;
- Физички и вербално да се поттикнува детето;
- Да се постави систем на награди. Ова сигурно ќе помогне во градењето и зголемувањето на концентрацијата. Наградување за секој точен одговор може да биде пофалба, истакнување на ученикот, кратко време занимавање со омилена игра, прошетка и слично;
- Употребата на вистински, реални материјали и алатки од природната средина е основна компонента за ефективната настава со учениците со интелектуална попреченост;
- Поставување на кратки временски цели за подобра концентрација.
Во процесот на учење кај децата со когнитивни потешкотии важна улога има наставникот
Неколку препораки за наставниците:
- Вие, како наставник и личност правите огромна разлика во животот на детето;
- Наставникот со своето однесување кон детето со когнитивни потешкотии е модел за другите ученици во одделението. Наставникот е алката која ќе го овозможи поврзувањето на овие деца со останатите;
- Пронајдете кои се интересите и силните страни на детето и нагласувајте ги;
- Креирајте ситуации кои овозможуваат детето со интелектуална попреченост да доживее успех;
- Бидете што е можно поконкретни. Демонстрирајте го тоа што сакате да го кажете и не давајте само вербални инструкции. Покажете слика, дозволете ученикот да пробува, експериментира со материјалите;
- Разложете ги подолгите, поголемите и посложени задачи во неколку помали чекори. Покажете ги чекорите. Потоа оставете го ученикот да ги направи чекорите еден по еден. Помагајте ако биде потребно, но и дајте му доволно време да се обиде сам, пред да помогнете;
- Давајте му на ученикот повратна информација за сработеното веднаш;
- Посветете внимание и учете го детето на потребните животни вештини и социјални вештини;
- Вклучувајте го во заеднички, тимски активности и клубови/секции;
- Назначете врсници од одделението да му помагаат на ученикот со интелектуална попреченост за време на учењето;
- Работете заедно со родителите на детето и другите служби во училиштето со цел да развиете и имплементирате образовен план според потребите на детето. Постојано споделувајте ги информациите за неговата работа и поведение во училиштето и дома;
- Имајте реални очекувања, поставете реални (остварливи) цели, но со постојана тенденција детето да ги развие во целосен капацитет неговите потенцијали;
- Зборувајте и однесувајте се со ученикот со интелектуална попреченост исто онака како што се обраќате и на кој било друг ученик;
- Пред тест користете или дозволете да се користат техники за релаксација, опуштање и совладување на стрес;
- Дозволете повеќе време за решавање на задачите од тестовите.