На платформата може да се најдат различни едукативни содржини (текстови, фотографии, презентации, видеа) преку кои се поттикнува совладувањето на наставниот материјал, согласно наставните предмети и возраста на учениците со попреченост, како и согласно нивните Индивудуални образовни планови (ИОПи).
Платформата има главен дел кој е достапен за сите посетители, а на кој може да се најдат информации за постигнувањата по развојни области кај типични деца на возраст од 6-7 години, периодот пред започнување со основно образование, со цел стекнување увид во компетенциите кои детето на таа возраст треба да ги поседува за да може да следи настава според редовен наставен план и програма, потоа што е инклузивно образование, видови на поддршка која им се дава на учениците со попреченост во редовните училишта, што е ИОП, за кого и како истиот се изготвува, стратегии за работа со деца со различни видови на попречености, објаснувања на различни пристапи и методи на работа со деца со попреченост, совети за родителите, како и опис на студии на случаи.
Исто така, платформата нуди персонализирани услуги на поддршка во учењето. За да се добие персонализирана образовна поддршка потребно е да се регистрира ученикот и по регистрацијата ќе биде отворен персонализиран профил до кој пристап ќе имаат ученикот, родителот, наставникот (и други лица, како, специјалниот едукатор и/или образовниот асистент, во случај да ученикот има поддршка во учењето и од овие лица). На овие персонализирани профили ќе бидат поставувани индивидуализирани едукативни содржини и насоки за учење согласно ИОП на секој ученик.
Дополнително, платформата нуди можност за поставување на прашања од страна на родителите/наставниците и понудување соодветни стручни одговори, размена на мислења, дискусија, поддршка на наставниците од редовните училишта во креирање на содржини согласно ИОП, соработка меѓу редовните и посебните училишта (идните ресурсни училишни центри), психосоцијална поддршка на родителите, индивидуално следење на децата од страна на стручни лица.