Видео интеракцијата е метод преку кој се подобрува комуникацијата и релациите – односите меѓу учесниците во истата. Основите на Видео интеракцијата се поставени врз основа на истражувања кои ја следеле спонтаната комуникација помеѓу бебињата и нивните родители. Заклучокот од овие истражувања е дека успешната комуникација, интеракција се одвива врз основа на одредени принципи: следење на иницијативата; примање; одобрување; менување на улогите; давање водство. Овие принципи се однесуваат на секој вид комуникација помеѓу луѓето – родителите и децата; наставниците и учениците; наставникот и неговите колеги итн.
Видео интеракцијата наоѓа примена секаде каде што постои интеракција. Тоа може да биде домот, во секоја и секаква групна активност, за време на игровни активности, за време на час или на работно место. Во неа можат да бидат вклучени:
-
- родителите/старателите и пошироките семејства на учениците со попреченост;
- персоналот вклучен во работата со учениците со попреченост;
- самите ученици со попреченост.
Опис на методот:
Лицето кое ја применува Видео интеракцијата (Видео интерактивниот водач) прави снимка (која трае околу 10 мин.) на интеракцијата меѓу учесниците во интеракцијата – возрасен со возрасен, возрасен со ученик, ученик со ученик. Снимката ја прегледува во целина и потоа особено внимание се обраќа кон одредени селектирани делови од видео снимката каде што се прикажуваат најдобри примери на комуникација. Видео снимките се избираат врз основата на одредени принципи кои биле развиени во тек на истражувања правени на тема – ефективна интеракција. Водачот и учесниците ги следат видео снимките и потоа дискутираат за нив во детали. Учесниците прегледувајќи ги видеата, а особено концентрирајќи се на одредени „клучни моменти“ при интеракцијата, можат да забележат многу елементи во нивната комуникација/интеракција со соговорниците, односно да ги увидат сопствените комуникациски вештини и како можат истите понатаму да ги развивааат. Овој процес се повторува сѐ до постигнување на продуктивен исход. Бројот на ваквите сесии при кои се прегледуваат видео снимките и се врши нивна детална анализа е варијабилен и зависи од индивидуалните потреби на учесниците – оние кои сакаат да ја подобрат својата интеракција/комуникација со другите (на пр. наставникот со учениците). Преку нив учесниците имаат можност да препознаат како нивната позитивна интеракција помага при комуникацијата. Набљудувајќи се самите себе си, стануваат посвесни за сопствените вештини во ефективната комуникација. Нивните опсервации, ставови и размислувања за конкретни ситуации прикажани на секвенцата од видео снимката, се дискутираат заедно со водачот на Видео интеракцијата. На тој начин се подобруваат нивните вештини на комуникација, односно во континуитет се развива промената на нивниот стил на комуникација и нивниот однос кон другите.