Инклузивното образование претставува процес преку кој се излегува во пресрет и се одговара на различните потреби на децата, младите и возрасните. Тоа подразбира зголемување на учеството во учењето, во училиштето и во заедницата преку разумно прилагодување на образовните содржини, примена на различни пристапи, организација и стратегии за да се овозможи квалитетно образование за сите. Инклузивното образование подразбира дека сите деца, се вклучени и се прифатени, со особено внимание на децата што може да бидат маргинализирани, дискриминирани или исклучени од образовниот систем. Тие, се вклучуваат во редовните одделенија и им се обезбедуваат соодветни услови за учење, напредување и учество во животот на училиштето.
Инклузивното образование се темели на пристапот заснован на човековите права кој е дефиниран со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост на Обединетите нации и со Конвенцијата за правата на детето на Обединетите нации.
За градење инклузивно училиште, потребно е воспитно – образовниот процес да се заснова на моделот на интервенции за поддршка на повеќе нивоа. Овој модел вклучува интервенции во наставниот план и наставните програми, наставните стратегии, активности и материјали, како и континуирано следење на процесот на спроведување на интервенциите.