Главната и носечка улога во реализацијата на инклузивнто образование ја има самото училиште кое ја остварува оваа мисија преку градење инклузивна клима, функционален инклузивен тим, сензибилизирањето на наставниците, нивна континуирена обука и поддршка итн. Но за успешно реализиарње на инклузивниот процес основното училиште мора да има дополнителна поддршка од следните чинители:
Образовните асистенти – се професионалци чија основна задача е, преку соработка со наставниците да им помогнат на учениците да учествува во воспитно-образовниот процес, максимално да ги реализираат своите потенцијали и да стекнуваат самостојност и социјална вклученост во училишната средина. Тие учествуваат во наставата на различни начини, секогаш под супервизија на наставникот.
Личните асистенти – се ангажираат како поддршка на учениците со попреченост, во изведување на секојдневните активности (движење, одржување на личната хигиена, хранење, облекување и комуникација со другите). Личниот асистент, преку соодветна индивидуална практична помош му овозможува на ученикот да стекне поголемо ниво на самостојност и функционалност.
Основни училишта со ресурсен центар – се трансформираните посебни училишта кои ќе ги нудат своите стручни, материјални и просторни ресурси за учениците со попреченост, нивните семејства и воспитно-образовниот кадар во училишта. Тие ќе вршат индивидуален третман и рехабилитација, ќе ја обезбедуваат образовната и личната асистенција, ќе учествуваат и во реализација на дел од модифицираната програма за учениците со комплексни потреби, согласно со препораката на стручното тело за функционална проценка.
- Центри за поддршка на учењето – се трансформираните посебните паралелки при училиштата кои ќе ги нудат своите стручни, материјални и просторни ресурси за учениците со попреченост, нивните семејства и воспитно – образовниот кадар во училиштата. Тие ќе вршат индивидуален третман и рехабилитација и ќе учествуваат и во реализација на дел од модифицираната програма за учениците со комплексни потреби, согласно со препораката на Стручното тело за функционална проценка.
- Министерство за образование и наука (МОН) – креира инклузивни политики, обезбедува соодветни ресурси на училиштата (човечки, материјални и финансиски) за спроведување на инклузивното образование, ги следи инклузивните практики во секое училиште, расположливите човечки ресурси и расположливите ресурси во заедницата/општината, со цел дополнителна поддршка на учениците кои имаат потреба од тоа.
МОН треба да го поддржува процесот на трансформација на посебните училишта во училишта со ресурсни центри, каде спаѓа и програмата за развој на капацитетите на кадарот кој работи во тие училишта.
- Биро за развој на образование (БРО) – реализира развојни истражувања од областа на инклузивното образование, врши советодавна – стручна работа за поддршка на училиштата во делот на обезбедување квалитетна настава и обезбедување алатки за евидентирање, следење и документирање на напредокот на учениците со посебни образовни потреби.