Когнитивниот или интелектуалниот развој се однесува на тоа како децата учат, размислуваат и создаваат идеи. Ова е една од развојните области која е под големо влијание на искуствата што ги имало детето. Когнитивниот развој е учење на вештините на разбирање, паметење и концентрација. Когнитивниот развој се однесува на зголемување на интелектуалните и менталните способности на децата. Поконкретно, станува збор за прогресивен процес којшто настанува како резултат на интеракција на детето со останатите објекти, субјекти и настани коишто се случуваат во неговата околина.
Когнитивниот развој обединува неколку сегменти, како што се: препознавање, обработка, организација и соодветна употреба на дадената информација. Процесот на когнитивниот развој вклучува комплексни ментални активности, како: истражување, откривање, презентирање, сортирање, класифицирање и меморирање на информациите.
Овој домен од развојот на детската личност, во исто време, вклучува: „Како мислат и што знаат децата”. Когнитивниот развој се однесува на стратегиите коишто децата ги користат за да го истражуваат и учат светот што ги опкружува, додека стекнување на знаењето е процес преку кој се акумулираат информациите коишто ги добиваат во текот на интеракцијата со надворешниот свет, со цел активно да се вклучат во решавање на проблемите, како и зголемување на нивното чувство кон критично размислување.
Новите знаења кои децата ги стекнале се основа за нивните секојдневни активности. Стимулацијата на когнитивниот развој е основа за успехот којшто децата ќе го постигнат во понатамошниот образовен процес. Когнитивниот развој не е изолиран процес, тој зависи од степенот на развој на останатите подрачја на развој.