Окупационата терапија уште се нарекува и работната терапија. Таа е здравствена професија која се занимава со промовирање на здравјето и благосостојбата на лицето преку работни активности согласно возраста и индивидуалните потреби.
Примарна цел на окупационата терапија е да им овозможи на луѓето да учествуваат што е можно посамостојно во активностите од секојдневниот живот.
Во окупационата терапија, „работата“ се однесува на секојдневните активности што ги извршуваат децата/лицата во семејството и во заедницата. Секоја индивидуа, независно од возраста извршува секојдневни активности кои можат да бидат насочени:
-
- кон себе (облекување, бањање и сл),
- кон семејството (сервирање на масата, диплење алишта…) и
- кон заедницата (следење на дневните рутини во градинката, училиштето или на работното место).
Окупационата терапија вклучува активности што им се потребни на децата/лицата за што посамостојно функционирање во секојдневниот живот.
Окупационите терапевти се професионалци кои поседуваат лиценца за спроведување на окупациона терапија. Тие работат со сите возрасни групи и третманот опфаќа широк спектар на физички и психосоцијални области. Окупационите терапевти најчесто работат во болници, клиники, дневни центри, центри за рехабилитација, сервиси за домашна нега, посебни училишта или како професионалци во приватна пракса и консултанти.
Што опфаќа работата на окупационите терапевти?
Проценка
Окупационата терапија се базира на проценка на индивидуалните капацитети и потешкотиите со кои се соочува лицето во секојдневното функционирање. Проценката вклучува употреба на стандардизирани процедури, интервјуа, опсервација на лицето во различни животни ситуации и консултации со членовите на семејството и други стручни профили кои се вклучени во животот на лицето.
Планирање
Врз основа на резултатите од проценката окупациониот терапевт прави План за окупациона терапија и се поставуваат краткорочни и долгорочни цели на третманот. Планот треба да биде релевантен за фазата на развој на детето, животните навики, потенцијалите и интересите.
Третман
Третманот се фокусира на програми кои се дизајнирани да го олеснат извршувањето на секојдневните активности на детето и прилагодување на околината во која детето игра, учи, живее и се социјализира. Пр. обезбедување на адаптирани помагала што ќе ја олеснат независноста на детето во грижата за себе, отстранување на бариерите во околината и обезбедување ресурси за намалување на стресот.
Соработка
Окупационите терапевти ја препознаваат важноста на тимската работа. Соработката и координацијата со други терапевти, семејството, воспитувачите, наставниците негуватели и волонтери се важни во реализацијата на холистичкиот пристап.