Препораки за приспособување на наставните материјали за ученици со попреченост
Фонт (изглед на буквите)
Употребата на фонтот во документот може да влијае на можноста тој да биде полесен или потежок за читање. Користете фонт кој е лесно читлив, фонт во кој што буквите немаат дополнителни додатоци, кириличен фонт.
-
- Во еден документ избегнувајте да користите различни фонтови, бидејќи тоа значително може да ја отежне читливоста на содржината на документот;
- Во еден текст избегнувајте да користите различни дополнителни карактеристики (задебелување, накосување, подвлекување на буквите);
- Обезбедете доволно простор помеѓу зборовите во реченицата. Препорака: Користете фонт Arial наместо Times New Roman.
Големина на буквите
Кога го подготвувате документот секогаш имајте ја предвид големината на буквите што ги користите во текстот: да не биде премала, ниту преголема бидејќи може да влијае на читливоста на содржината.
-
- Избегнувајте во еден документ да користите делови со различни големини, или пак делови кои се напишани со многу ситни или пак со многу големи букви;
- Препорака: користете големина на букви помеѓу 12 и 16 point.
Употреба на боја и контраст
Со цел да се овозможи поголема читливост на содржината на документот, при подготовката имајте го предвид контрастот помеѓу бојата на буквите и позадината на текстот.
-
- Секогаш да има соодветен контраст помеѓу буквите и позадината на документот;
- Избегнувајте да користите позадини со различен дизајн, кој и покрај соодветниот контраст може да влијае на читливоста на текстот;
- Препорака: најдобро е да користите црни букви на бела заднина, нo секогаш имајте ги предвид индивидуалните карактеристики на ученикот со попреченост.
Подготовка на содржината
При подготовката на содржината во документот имајте предвид:
-
- Информациите да бидат конкретни, јасни и лесно читливи;
- Кога имате ученик со интелектуална попреченост или пак потешкотии во читањето користете кратки и јасни реченици;
- Понудете помалку информации во документот, доколку е потребно;
- Обезбедете доволен простор за текстот;
- Добро структурирајте го документот (јасно да се забележува наслов и содржина на текст).
Во насока на индивидуализација на наставата, имајте предвид дека:
-
- Нема единствено решение за приспособувањата;
- Соодветното приспособување зависи од: ученикот, видот на неговите образовни потреби, ресурсите што ги користите, наставните цели и употребата на информациите;
- Приспособувањата што ќе ви одземат многу време и што бараат многу ресурси не мора да значи дека секогаш ќе бидат ефективни, некогаш со многу едноставни приспособувања може да добиете многу повеќе од ученикот;
- Во разговор со ученикот, можете да добиете идеи за широк спектар на можни приспособувања што ќе ви користат во идната работа.