Поголемиот дел од информациите од надворешната средина луѓето ги добиват преку вестибуларниот систем (чувство на рамнотежа) кој се наоѓа во внатрешното уво, потоа преку рецепторите во мускулите, зглобовите (проприоцептивен систем) и преку рецепторите во кожата (тактилен систем). Визуелниот и аудитивниот систем, иако многу важен, обезбедуваат помал дел од влез на информациите.
Социјално неприфатливите однесувања што се манифестираат кај учениците со развојни нарушувања, вклучително и аутизмот како најтешка форма на истите, се однесуваат главно на изворите на сензорните информации. За однесување како што се лулање, вртење и скокање се смета дека се обиди на лице со аутизам да организира информации од надворешната средина и на некој начин имаат смирувачки ефект.
Од друга страна, удирање на лице кое се приближува, покривање на ушите или напад на гнев како одговор на некои звуци, укажуваат на екстремна и селективна чувствителност на стимулацијата која доаѓа од непосредната околина.
Звучи многу невообичаено но некои ученици можат активно да бараат одредени типови на стимулација, додека од друга страна, можат да бидат преплашени да наидат на незначителен шум или непозната текстура на облека или храна.
Овие збунувачки однесувања, сепак, изгледаат сосема разбирливи кога се гледаат во контекст на нарушена сензорна обработка.
Сензорната обработка на информациите започнува со процесот на сензорната стимулација која претставува збир на предмети и активности кои влијаат врз едно или повеќе сетила. Сензорната стимулација треба да започне од моментот на раѓање. Преку сензорните стимулации мозокот добива сензорни информации. Информациите се обработуваат и се создава слика за тоа што е презентирано. Невролошкиот процес во кој се организираат информациите или сетилните дразби од сопственото тело и надворешната средина и кој ни овозможува ефикасно користење на телото во околината е сензорна интеграција.
Всушност преку добивање различни информации ние се запознаваме со околината во која се наоѓаме и соодветно реагираме на ситуациите. Најдобар начин на сензорна стимулација е кога истовремено се активираат две или повеќе сетила. Тогаш во мозокот се создава поцелосна слика (енграм) и како таква е полесна за меморирање. Информациите кои се обработени и интегрирани во централниот нервен систем се користат за планирање и организирање на однесувањето. Абнормалности во процесот на интегрирање на сензорни информации доведуваат до потешкотии во концептуалното и моторното учење.
Цели на интервенциите во сензорната интеграција се:
-
- Да му се помогне на лицето да достигне состојба на мирна будност. Анксиозноста и високата вознемиреност како резултат на хиперсензитивноста доведуваат до тоа лицето да функционира на високо ниво на будност, што го отежнува, па дури и невозможно да се обрне внимание на задачата која му се нуди.
- Да се подобри можноста за организирање на стимулациите во информации. Соодветно познавање на телото, како се движи и какви позиции може да заземе во просторот, е потребно за совладување на нови моторни вештини. Моторното планирање е многу важен резултат на сензомоторната организација.
- Да се усвојат концептите што лежат во основата на учењето, а тоа може да се случи истовремено со постигнувањето на првите две цели. Концептите се средство за размислување и во голема мера зависат од сензорниот влез, особено од повратните информации што ги добиваме преку движење. Таквите концепти се над, подолу, помеѓу, преку, брзи, бавни и се учат природно, во контекст на трчање за време на игра или други вообичаени дневни активности.
Интервенциите ги спроведуваат специјалисти кои поминале сертифицирана обука согласно теоријата која е развиена од страна на Dr. A. Jean Ayres, Американски окупационен терапевт, образовен психолог и застапник на правата на лицата со посебни потреби.