Употребата на компјутер во работа со ученици со попреченост не е секогаш доволна. За некои ученици компјутерот може да претставува дополнителна потешкотија поради: ограничени движења на рацете, недоволно развиена фина моторика, визуелизација на содржината на екранот, користење на стандардните влезни уреди (глувче, тастатура) и др. Затоа, треба дополнително да се употребат асистивни уреди коишто може да го направат компјутерот употреблив за лицата со различни способности и потешкотии.
Асистивната технологија опфаќа широк спектар помагала за олеснување на движењето, комуникацијата, работата на компјутер, како и услуги што овозможуваат лицата да вршат функции кои што во спротивно би можеле да бидат тешко или невозможно остварливи.
Производите на асистивната технологија може да им овозможат на лицата со попреченост остварување на дневните задачи, да им помагаат во комуникацијата, образованието и работата, односно во суштина им помагаат на лицата во постигнувањето поголема независност и во подигнување на квалитетот на нивниот живот.
Решението за индивидуалните потреби понекогаш може да вклучува повеќе од еден уред; тоа често бара комбинација од стандардни и асистивни продукти и може да биде различно за една индивидуа или за друга, или од еден контекст до друг.
Кога станува збор за употреба на компјутер, асистивните уреди претставуваат хардверски или софтверски производи кои им овозможуваат на лицата со попреченост пристап, интеракција и употреба на компјутерите во домот, на училиште или на работа. Асистивната технологија најдобро може да се разбере кога е поделена во категории или пак во групи на производи:
- Алтернативни влезни уреди
- Вклучуваат алтернативни и адаптирани тастатури, големи тастатури, алтернативни и ергономски глувчиња/системи за покажувачи, уреди што го контролираат покажувачот со помош на главата, уреди што го контролираат покажувачот со движења на очите или на устата односно на јазикот, кликови, екрани на допир, системи за препознавање говор, програми за претворање говор во текст, програми за диктат, виртуелни тастатури, програми за промена на курсор, ергономска компјутерска опрема итн.
- Алтернативни излезни уреди
- Компјутерски базирани излезни уреди што им овоможуваат на слепите или на лицата со оштетување на видот да го користат компјутерот. Вклучуваат Браев дисплеј, Браев печатар, софтвер наречен читач на екран, екранска лупа/зголемувач на екран итн.
- Пристапен софтвер
- Вклучува софтверски апликации адаптирани за деца и за возрасни лица со попреченост, пристапни опции во оперативниот систем, пристапни веб-страници, пристапни веб-пребарувачи итн.
Уред
Објаснување
Слика
Тастатура со големи копчиња
Наменета за ученици со интелектуална попреченост, аутизам, со потешкотии во видот, ученици со телесна попреченост.

Џојстик
Џојстикот е уред кој служи за контрола на покажувач и претставува замена на глувчето, во ситуации кога корисникот има потешкотии во фината моторика и не може да работи на стандарден начин.
Може да се користи со различни делови од телото (рака, брада, лакт).

Тракбол
Тракболот е уред кој е замена за глувчето, наменет за корисници кои имаат потешкотии во моториката на рацете и можат да вршат само ограничени движења.

Одвоени кликови
Асистивен уред кој претставува замена за левиот и десниот клик на глувчето. Наменет за корисници кои имаат потешкотии во моториката на рацете и можат да вршат само ограничени движења. Одвоениот клик се користи во комбинација со тракбол или џојстик.
