Грижата за себе се однесува на активности и стекнување на вештини кои му помагаат на детето да функционира во секојдневниот живот (одржување на хигиена, облекување, јадење и сл.). Самиот термин „грижа за себе“ упатува дека овие активности се очекува да бидат направени самостојно и зависно од возраста, во многу случаи станува несоодветно за другите да им помагаат на децата при таквите активности. Кај малите деца, овие активности од секојдневниот живот за нив ги извршуваат родителите и/или блиските членови на семејството. Како децата растат и созреваат, тие развиваат независност во овие вештини.
Активностите за грижа за себе се првите активности преку кои децата развиваат капацитети за планирање и извршување на одредена задача, организирање на потребниот прибор или материјали за да ја изведат активноста и ја развиваат фината моторика. Вештините за грижа за себе им претходат и се клучни за усвојување на училишните активности и вештини.
Развој на вештините за грижа за себе на возраст од 6 до 7 години
-
- Самостојно оди во кревет и спие преку целата ноќ
- Самостојно го мести својот кревет
- Самостојно ги регулира физиолошките потреби, во текот на денот и ноќта
- Ја остава бањата во уредна состојба после користење
- Самостојно се тушира
- Јаде разновидна храна и испробува различни вкусови
- Јаде самостојно, без тешкотии
- Подготвува едноставни оброци (пр. корн флекс, сендвич и сл.)
- Го спрема ранецот за училиште со мала помош или вербално поттикнување
- Се облекува себеси целосно, ја откопчува и закопчува сопствената облека
- Ги одврзува и врзува обувките
- Оди во соседството без постојан надзор
- Избегнува отрови и штетни супстанци кои му се посочени како опасни.
Доколку детето има потешкотии во извршувањето на активностите за грижа за себе, тоа може да биде ограничувачки фактор за стекнување на многу други животни искуства. На пример, родителите нема да бидат во можност, или детето нема да сака да преспие кај роднини или пријатели, да оди на училишната екскурзија, на роденденските забави и слично. Доколку детето не е самостојно при јадење и извршување на физиолошките потреби, може да биде исмевано од врсниците и да биде цел на врснички булинг.
Потешкотиите во грижата за себе може да се манифестираат како:
-
- Мрзеливост
- Потпирање на другите при грижата за себе
- Намален интерес за развој на вештини за самостојност и независност
- Ограничен интерес за одредени игри (пр. играње на улоги со кукли – пресоблекување, бањање, заспивање, грижа за куклата).
Напомена:
-
- Оваа листа за проверка на стекнатите вештини се однесува на „типичниот“ развој на децата на одредена возраст. Секоја фаза на развој претпоставува дека се постигнати вештините од претходните фази.
- Оваа листа служи за проверка на функционалноста на детето во одредено подрачје на развојот, на одредена возраст, но таа не може да се користи за проценка, ниту одразува строго стандардизирано истражување.
- Оваа листа за проверка може да ја користат родителите или наставниците за да видат дали детето ги има усвоено вештините кои се карактеристични за одредена возраст. Доколку кај одредено дете се видливи одложувања во развојот, се препорачува консултација со стручни лица кои ќе ја утврдат потребата од соодветна поддршка на детето.