Секоја личност со аутистичен спектар на нарушување (АСН) има различни потреби. Затоа секоја личност треба индивидуално да се разгледува и да ѝ биде понуден соодветен третман адекватен на индивидуалните потреби. Целта е да ѝ се помогне на личноста да стекне одредени вештини, истите да ги усоврши за да може полесно да функционира во секоjдневниот живот, средината и општеството.
Секое дете со аутизам се соочува со различни потешкотии при извршување на активностите и има различна потреба за поддршка и помош при учењето.
Важно е наставниците да ги разберат потешкотиите и причините за различните видови на однесување кое може да го покажуваат овие деца. Најчести причини се:
- Доцнење во когнитивната обработка на примените информации
- На пр. доколку од еден ученик со ACH се бара да одговори на дадено прашање, на ученикот му е потребно повеќе време за да го даде точниот одговор. Наставникот во овој случај потребно е да почека подолго време додека да го добие одговорот од учениот. Во спротивно ќе предизвика вознемиреност кај детето со самото повеќекратно повторување на прашањето или изразување на нетрпеливост. Тоа би можело да предизвика несоодветно (предизвикувачко) однесување од страна на ученикот (излив на лутина, бес, викање, неконтролирано движење, понекогаш и самоповредување или повредување на другите).
- Хипер и хипо сензитивност
- Детето со аутизам може да биде особено чувствително на одредени звуци, или да не може да толерира одредени вкусови и текстури на храна, текстури на различни површини, па дури и пишувањето со молив на лист хартија или пишувањето со креда на табла може да предизвика непријатност кај детето. Во овие случаи наставникот треба да разговара со ученикот, да го охрабри и да му посочи на нешто од околината што го одвлекува неговото внимание. Дополнително, наставникот треба да создаде услови во кои овие предизвикувачки дразби ќе ги елеминира или намали.
- Дефицит на социјални вештини
- Дефицитот на социјални вештини го прави детето со аутизам „необично дете“. Училницата е совршено место за стекнување и практикување на социјалните вештини. Најважниот фактор во овој случај е наставникот. Тој може многу да помогне во тоа преку поттикнување на толеранцијата и развој на вештини кај другите ученици како да му помогнат на ученикот со аутизам да се почувствува прифатен во групата.
- Предизвици во моторните вештини
- Во делот моторни вештини, децата со аутизам може да имаат потешкотии да го совладаат процесот на пишување или да имаат проблеми со ракописот. Принудувањето на ученикот да прави безброј практични обиди за вежбање на ракописот се покажало како лоша практика, која довела до зајакнување на лошите навики кај ученикот, одбивност во извршувањето на зададените обврски како и несоодветно реагирање од негова страна. Размислете за алтернативни начини преку користење на компјутер или картички со слики пропратени со зборови.
- Потешкотии во изразувањето
- Постојат деца со аутизам кои имаат интелектуален капацитет да ја совладаат предвидената наставна програма, но говорните и јазичните способности може да претставуваат потешкотија. Овие ученици може да имаат проблеми со изразувањето на сопствените емоции. Дополнителни потешкотии се и ограничените можности да прават разлика помеѓу различните јазични изразувања на различни луѓе, неразбирањето на преносното значење на зборовите, хуморот, сарказмот во говорот, интонацијата на гласот при комуникацијата. Меѓутоа со постојана поддршка и работа на ова поле, поттикнување, и охрабрување, може да се научат да го подобрат своите говорно-јазични вештини. Исто така треба да се поттикнуваат преку истакнување на аспектите каде тие се добри. Односно наместо да се ставаат во ситуации каде тие ќе откажат, треба да се ставаат во ситуации каде можат да се докажат, како на пр. наместо да се бара раскажување на лекции, да се истакнува нивниот талент за математика и сл.
Совети за работа со ученици со аутизам вклучени во редовните училишта
- Бидете доследни
Децата со аутизам тешко можат она што го научиле во еден контекст, да го применат во друг (односно она што го научиле во една просторија со потешкотии може да го применат во друга просторија). Па оттаму, одредена активност која ја научиле во училница, тешко можат да ја изведат и во домот. Затоа е потребно она што наставниците и терапевтите го работат со детето со аутизам, со истата техника и метод да се продолжи и во домот. Треба да се инсистира одредена активност да се одвива на повеќе места, со цел да се охрабри детето да го пренесе она што го научило од една во друга средина. Посебно важно е да се биде доследен на начинот на интеракција со детето како и справувањето со предизвикувачкото однесување (социјално неприфатливите облици на однесување).
- Држете се до распоредот на активности
Децата со аутизам најдобро функционираат кога имаат високо структуриран распоред или рутина. Поставете распоред за детето. Јасно обележете ги различните часови, малите и големи одмори, времето за оброк итн. Советувајте ги родителите истото да го направат во домот: да ги определат утринските рутини (будењето, личната хигиена, облекувањето), редовното време за јадење, терапевтски часови, часовите во училиште и вечерните активности пред спиење). Обидете се да ги сведете на минимум нарушувањата во оваа рутина. Ако има неизбежна промена на распоредот, подгответе го детето за тоа однапред.
- Користете визуелни содржини
Визуелните картички можат да послужат како потсетници за правилата во училницата, и ресурсите што им се достапни на учениците. Користењето слики значи многу повеќе за децата со аутизам отколку долгото вербално објаснување. Визуелните сигнали можат да бидат доста корисни, особено во домот каде ќе се обележат местата и предметите кои се опасни за ученикот.
- Наградете го доброто однесување
Пофалете го детето со аутизам кога постапува соодветно или учи некоја нова вештина. Исто така, побарајте други начини да го наградите за добро однесување, пр. со давање на стикер или да го оставите да игра со омилена играчка или да ја гледа омилената ТВ емисија и слично, за некој кус период.
- Бидете конкретни и прецизни во барањата
При поставување на одредено прашање или задача која треба да ја изврши детето со аутизам, треба да се биде јасен и прецизен во барањата. Зададените задачи треба да бидат на конкретни ниво, без да содржат некои апстрактни термини или поими, кои ќе создадат конфузност и вознемиреност кај ученикот.
- Обезбедете релаксирачко (смирувачко) катче во училницата / домот
Обезбедете простор во училницата/домот каде што детето со аутизам може да се релаксира и каде ќе се чувствува безбедно, сигурно и среќно.
- Обезбедете предвидливост
Имањето предвидливост ја намалува вознемиреноста кај децата со аутизам и ќе помогне да се избегне одвлекувањето на вниманието, како и предизвикувачкото однесување. На детето со аутизам секогаш однапред дадете му јасен распоред на сите активности кои ќе следат, односно понудете му распоред кој може да го сфати и според кој ќе знае што е следно.
- Употребувајте невербални начин на комуникација
Поврзувањето со детето со аутизам може да биде предизвик, но понекогаш воопшто не мора да зборувате – па дури и да допирате – за да комуницирате и да се поврзете. Вие комуницирате и невербално со детето, според начинот на кој го гледате, според тонот на гласот кој го употребувате, исто така и со говорот на тело. И детето со аутизам исто така комуницира, дури и во случај кога не зборува. Потребно е само внимателно да се набљудува детето и да се препознаат знаците на невербална комуникација кои детето ги прикажува. Оставете доволно време и бидете трпеливи и ќе го научите „јазикот“ на кој детето комуницира. Ако сте внимателни ќе ги забележите невербалните знаци што децата со аутизам ги користат за да комуницираат. Обрнете внимание на сите звуци што ги испуштаат, изразите на лицето и гестовите што ги користат кога се уморни, гладни или сакаат нешто.
- Откријте ја мотивацијата зад бесот
Сите ние се чувствуваме вознемирени кога сме погрешно разбрани или игнорирани. Истата таа вознемиреност ја чувствуваат и децата со аутизам. Несоодветното однесување во одредени ситуации (пројавување на вознемиреност, лутина, гнев, бес), се појавуваат бидејќи не се разбрани нивните невербални сигнали и со изразувањето на таа нивна фрустрација го привлекуваат вниманието кон себе.
- Обезбедете помош при организирање
Додека некои деца со аутизам се совршено организирани, на други им е потребна поддршка за да најдат материјали, да ги одржат уредно шкафчето и работна маса. Затоа е потребно наставникот да користи стратегии за поддршка. На пример, сите ученици да ги копираат постапките на наставникот во изведување на зададената активност, да ги спакуваат книгите и приборот во ранците и да ги чистат и средуваат работните места. Повторувањето на истата активност секојдневно ќе им даде можност на сите ученици да бидат организирани.
- Обезбедете алтернативен избор
Пишувањето може да биде главен извор на вознемиреност кај децата со аутизам. Некои не можат да пишуваат воопшто, а други кои можат да пишуваат може да имаат потешкотии во тоа. Со цел да го поддржи ученикот со аутизам, наставникот постојано треба да ги охрабрува при обидите да напише збор или реченица. Наставникот може да му дозволи да користи и компјутер за пишување, бидејќи на тој начин му помага на ученикот со аутизам да се фокусира на задачата т.е содржината, наместо на своите моторни вештини.
- Создадете пријатна училница
Понекогаш децата со аутизам се помалку успешни затоа што им е непријатно или се чувствуваат небезбедно, па дури и се плашат од нивните врсници. Учениците со аутизам ќе бидат најподготвени да учат на места каде што можат да се релаксираат и да се чувствуваат безбедно. Идеите за правење на пријатна училница вклучуваат обезбедување реквизити од различен карактер на пр. за седење (столчиња лулка); намалување на директна светлина кога е можно (на пр. користење на светло за проектирање нагоре, обезбедување на штитници во случај ученикот да е особено чувствителен); и минимизирање на звуците што го одвлекуваат вниманието (на пр. обезбедување на чепчиња за уши или слушалки за време на одредени активности), како и прифаќање на ученикот од страна на врсниците.
- Вклучете го детето со аутизам во активностите
Доколку учениците со аутизам треба да научат како да се однесуваат во одредени ситуации, треба да бидат во инклузивна средина за да видат и слушнат како нивните врсници зборуваат и постапуваат. Ако децата со аутизам треба да научат социјални вештини, тие треба да бидат во простор каде што ќе можат да учат од другите со кои се дружат. Ако на ученикот со аутизам му треба соодветна помош, тогаш наставникот треба да набљудува како ученикот функционира во инклузивната училница со цел да одреди какви видови на поддршка ќе бидат потребни. Особено корисна алатка при градењето на социјалните вештини е употребата на социјални приказни.