ВАЖНОСТА НА ВОСПОСТАВУВАЊЕТО НА РУТИНИ КАЈ ДЕТЕТО
СОВЕТИ ЗА РОДИТЕЛИТЕ
На децата им требаат рутини. Од моментот кога ќе се роди детето, рутините се начин на живот. Родителите го планираат времето и начинот на јадење, времето и начинот на заспивање на своите деца, промената на пелената итн. Како што детето расте, родителите воспоставуваат нови рутини (пр. време за дневен одмор, време за оброци, време за прошетки, спиење итн.). Без разлика колку години имаат децата, тие имаат потреба родителите да им помогнат при воспоставувањето на нови рутини.
Зошто се важни рутините? –Мозокот на детето се развива и созрева секој ден. Сепак, деловите од мозокот кои се одговорни за планирање, донесување одлуки и одговорност за себе не се зрели до 23-та година од животот. Ова значи дека повеќето „деца“ не воспоставуваат свои рутини за одредени активности додека не бидат млади возрасни.
Како да го направите воспоставувањето на рутините помалку стресни? – Прво, имајте реални очекувања. Просечно, детето ги исполнува барањата од родителите не повеќе од 40% од времето, а честопати се потребни 5-6 потсетувања пред детето да изврши одредено барање. При воспоставувањето на рутините, стресот е неизбежен. Сепак, постојат начини истиот да го редуцирате, како кај вас, така и кај Вашето дете. Важно е да се придржувате кон неколку клучни аспекти при воспоставувањето на рутините:
-
- Предвидливост
- Доследност
- Соодветност (очекувања, последици, развојни разлики)
Треба да се напомене дека понекогаш е навистина тешко да се биде предвидлив и доследен и рутините да се прилагодат на развојните потреби на Вашето дете. Родителството се учи и важно е родителите да знаат дека не секој пристап е соодветен за секое дете. Децата се способни да следат рутина. Сепак, на повеќето деца им треба визуелна поддршка за да знаат што треба да прават во одреден период од денот. Можете да им помогнете со изработка на дневен и неделен распоред со клучните задачи за тој ден. Можете да користете табла на која ќе се запишат активностите или ќе се обележат со слика. Важно е визуелниот распоред јасно да ја посочува активноста, како и времето кога таа треба да се заврши. Исто така, визуелниот распоред може да биде направен на посебен лист или хамер, кој ќе го закачите на вратата од детската соба или на место каде детето поминува најголем дел од денот.(фото – визуелен распоред)
Како најголеми предизвици и за децата и за родителите се т.н. транзиции или поминувањето на детето од една во друга активност. Многу деца имаат потешкотии при преминувањето од една на друга активност. Вие како родители можете да им помогнете на децата овој премин да биде помалку стресен за нив:
-
- Направете ги транзициите предвидливи со користење на визуелни распореди кои можат да ги гледаат секој ден.
- Нагласете му на Вашето дете дека треба да премине од една кон друга активност (пр. „Треба да почнеш да ги собираш играчките, време е за ручек“ или „Треба да почнеш да се облекуваш, време е за поаѓање во училиште)
- Дајте му доволно време на детето да се подготви пред започнувањето на активноста.
- Бидете сигурни дали Вашето дете знае што се очекува од него за време на транзицијата (пр. средување на просторот за игра).
- Важно е родителите да го мотивираат детето при следењето на дневните рутини, на позитивен и прифатлив начин.
Рутини во домот кои влијаат на успехот во училиште
и менталното здравје на детето
- Спиење
На децата им требаат 8-10 часа сон секоја вечер, а на адолесцентите (тинејџерите) им треба дури и повеќе сон отколку на децата. Одредете време за спиење и време за будење што ќе му даде на Вашето дете доволно време да се одмори за да биде подготвено за училишниот ден. Бидете сигурни дека времетраењето на спиењето е доволно за она што треба детето да го заврши во текот на денот.
- Јадење
Избалансираната и урамнотежена исхрана е неопходна за децата за да имаат енергија и внимание што се неопходни за успешно справувањето со училишните обврски. Шеќерот, масната храна и кофеинот (премногу слатки, брза храна, газирани пијалоци…), треба да бидат сведени на минимум во исхраната на Вашите деца.
- Физичка активност
На децата им е потребна интензивна физичка активност за здрав развој. Како родители, осигурајте се дека во дневната рутина на Вашите деца, сте вклучиле доволно физички активности. Без оглед колку Вашите деца сакаат компјутерски игри, телевизија или други содржини на различни електронски уреди, важно е да не дозволувате овие активности да бидат замена за физичката рекреација.
- Следење на медиумската изложеност
Сведеоци сме дека децата се повеќе време поминуваат пред електронските уреди. Истражувањата во една студија покажуваат дека само 30% од анкетираните родители, поставуваат какво било ограничувањево однос на медиумската изложеност на нивните деца. Повеќето експерти препорачуваат во собата на детето да нема компјутер или телевизор, бидејќи тоа го отежнува поставувањето на ограничувања.
- Следење на работата на домашните задачи
Од суштинско значење е да следите кога и колку време Вашето дете поминува во работа на домашните задачи. Помогнете му на детето при организирањето на училишните материјали на соодветно место (пр. на работната маса). Обезбедете тивка околина во која Вашето дете може да работи на домашна работа секој ден. Работата на домашните задачи нека се одвива на исто мести и во исто време од денот.
Децата не можат истовремено да се фокусираат на повеќе активности (пр. гледање телевизија и извршување на домашните задачи), затоа сведете ги на минимум работите кои му го одвлекуваат вниманието на Вашето дете.
- Поттикнување на љубовта на детето кон учењето
Активностите што ги извршувате со детето можат да дадат важни информации за вредностите на вашето семејство во врска со училиштето. Секојдневно читајте со Вашето дете одредена содржина (приказна, песна, текст) на вашиот мајчин јазик. На тој начин детето ќе ја сфати вредноста на писменоста и учењето.
- Следење на известувањата од училиштето
Честопати наставниците испраќаат важни информации, кои децата забораваат да им ги дадат или пренесат на своите родители. Воведете секојдневна рутина да го проверувата училишниот ранец на Вашето дете или прашајте го дали има некаква порака од наставникот.
- Комуникација со наставниците
Еден од најважните начини на кои можете да го поддржите успехот во училиштето на Вашето дете е да имате добра комуникација со наставниците.
Побарајте од наставникот на детето конкретни совети за тоа што можете да направите дома за да му помогнете да ги подобри своите постигнувања. Доколку извештајот за постигнувањата на Вашето дете содржи за вас нејасни информации, замолете го наставникот ви ги објасни.
Најчести предизвици и „грешки“ во родителството
Секој родител, во одредени ситуации доаѓа до точка на колуминација, каде нивото на стрес во однос на одредени аспекти од родителството го достигнува врвот. Важно е во вакви ситуации, родителите да знаат кои се нивните „црвени линии“ (прекумерно викање, забрзано биење на срцето, чувство дека ја губат контролате и сл), но и како да си помогнат за да не излезе ситуацијата од контрола.
-
- Направете пауза од 1 минута (полека дишете, шетајте наоколу, „избројте до 10“).
- Разговарајте помеѓу вас родителите за прашањата кои ве загрижуваат.
- Научете вештини за управување со стресот кои вам ви одговараат (вежбање, музика, читање, разговор со пријател итн)
И покрај тоа што секој родител сака неговото дете да биде успешно во училиштето и во животот, некогаш родителите со добри намери ќе создадат лоши навики кај своите деца.
-
- Ставете му до знаење на Вашето дете дека не може премногу да се потпира на помошта на родителите при извршувањето на училишните задачи. Иако можеби често ќе доаѓате во искушение да ја завршите домашната задача наместо детето, тоа може да создаде лоша навика кај детето. Децата треба сами да ги решаваат своите проблеми, како во училиштето, така и надвор од него. Родителите треба да ги поддржуваат децата и да им помогнат, но не треба да се обидуваат да ги „спасат“ со тоа што ќе ќе ја завршат работата наместо нив.
- Вршењето на преголем притисок врз своите деца да бидат успешни, може да предизвика спротивен ефект. Доколку детето го „казните“ затоа што не ги исполнило вашите очекувања, тоа во иднина може да се плаши од секој неуспех повеќе отколку да посакува успех. Наградете ги напорите и успесите на вашите деца, но сакајте ги без оглед на нивните постигнувања во училиште.
- Кога родителите или другите возрасни од семејството (баба, дедо) изразуваат несогласување пред децата, тоа им испраќа на децата мешани пораки и може да доведе до манипулација со едниот или двајцата родители. Ако не се согласувате со она што другиот родител го зборува во врска со рутината или дисциплината на Вашето дете, разговарајте само вие двајца, никако во присуство на детето. Важно е пред детето да настапувате со исти барања и усогласени воспитни стратегии.
- Важно е да знаете дека Вашето дете ќе го научите да се грижи за себе, онака како што вие како родител се грижите за себе. Пораката: „Прави како што кажувам јас, а не како јас правам“ НЕ функционира.
Запомнете ….
-
- Родителството е најтешката, притоа неплатена работа во светот!
-
- Родителите не ја добиваат заслугата што ја заслужуваат, затоа поддржете се едни со други.
- На сите родители им треба помош во одреден момент со своите деца. Побарајте совет од други родители, наставниците, Стручната служба во училиштето или професионалци кои работат на психосоцијална поддршка на семејства.
- Воспоставете работни навики и очекувања кои ќе им овозможат на децата да бидат успешни во извршувањето на училишните задачи
- На Вашето дете пружете му љубов, охрабрување и поддршка за успесите и напорната работа