Употреба на компјутер и асистивна технологија во наставата за учениците со попреченост
Применливоста на компјутерот и на асистивната технологија во наставата е голема. На наставниците им овозможува широк спектар на активности кои можат да ги спроведат со учениците со различна попреченост и за разни наставни содржини, користење нови методи на работа, подобра инклузивна клима и др. Од друга страна пак, за некои ученици употребата на компјутерот и на асистивната технологија е единствена можност за активно учество на часот, вклучување во наставните активности, како и покажување на стекнатите знаења.
Во процесот на следење на наставата, асистивната технологија може да најде примена во случаи:
-
- кога ученикот поради потешкотии во моториката на рацете не може да користи молив и тетратка, но со помош на тастатура со големи копчиња и тракбол или џојстик може писмено да се изразува на компјутер; да запишува план за работа од табла, да одговара на дадени прашања итн.;
- кога ученикот има потешкотии во говорот, тешко се изразува, може неговите рамислувања писмено да ги изрази преку компјутер, а потоа со помош на читач на екран на компјутерот да го прочита она што ученикот го запишал;
- за ученици со интелектуална попреченост понудете поврзување на информацијата со конкретни илустрации, анимации, видео на компјутер и друго, со цел ученикот да се стекне со информации за дадената тема;
- за ученици со потешкотии во видот, користете наставни материјали со зголемен фонт или пак електронска лупа што ја зголемува содржината на екранот.
За време на часот, со цел да го поттикнете ученикот со попреченост да биде повеќе активен и да земе поголемо учество, можете:
-
- да побарате да изработи презентација за тема која се работи за време на часот и да ја презентира пред соучениците (ако темата е нешто што тешко го совладува, може да ја подготви заедно со некој од соучениците);
- да побара фотографии, илустрации за дадена тема и да ги претстави пред соучениците и др.
При следењето на ученикот и евалуирањето на неговите/нејзините постигнувања, компјутерот и асистивната технологија можат да ви помогнат при:
-
- употреба на електронски тестови, на пример ако ученикот има потешкотии при движењата на рацете и отежнато пишување со молив, со помош на асистивна технологија може да го изработи тестот на компјутер;
- зачување на компјутерски изработки (текстови, одговор на работни задачи) кои ќе го покажат напредокот на ученикот;
- изработка на училишни и на домашни задачи и др.
Асистивната технологија која ќе ја користите во работата со ученикот попреченост треба да одговара на неговите потреби и да му овозможи или да поддржи активности кои му претставуваат потешкотија. Секогаш треба да ги имате предвид можностите на ученикот, потешкотиите на кои наидува, околината и задачите што му ги задавате, сѐ со цел да овозможите активно учество за време на часот.
Пример 1:
Во класот имате ученик со оштетување на видот и потешкотии при читање текст со мал фонт на букви (на пример, текстовите од учебникот или барањата на наставното ливче). Материјалите што ги користите за време на часот, било да се печатени или електронски, потребно е да бидат со поголем фонт од фонтот што го користите со другите ученици (оштетувањето на видот ќе ве насочи која големина да ја користите) и со јак контраст (најдобро би било црни букви на бела површина). На тој начин ќе овозможите ученикот со оштетување на видот да ги извршува налозите истовремено со неговите соученици, во спротивно ќе му биде потребна ваша помош или помош од ученик.
Пример 2:
Во класот имате ученик со оштетување на слухот. По обработката на одредена наставна тема на учениците им давате вербален налог за изработка на одредена задача. Со цел ученикот со оштетен слух истовремено да го добие налогот како и другите ученици и да има еднакво време за извршување, секогаш имајте подготвено писмен налог.