Визуелната поддршка е збир на визуелни „алатки„ кои му помагаат на поединецот во неговото секојдневно функционирање. Визуелната поддршка вклучува еден или повеќе визуелини прикази на предмети, луѓе, ситуации, знаци и/или зборови за планирани активности прикажани по редослед на изведување. Ваквиот вид на поддршка се учи постепено, по пат на физичка поддршка и минимална вербализација. Се користи за полесно ориентирање во просторот и времето, додека пак крајната цел би била поголема самостојност на личноста во секојдневни ситуации.
Многубројни истражувања покажуваат дека визуелната поддршка особено ја користат лицата сопопреченост, односно лицата со аутистичен спектар на нарушувања. Овој податок претставува цврста основа за разбирање на перцепцијата на лицата со аутизам, нивниот начин на учење, помнење, размислување, како и за планирање на начинот на подучување, односно учење. Визуелната поддршка се покажува како особено успешна кај зголемената зачестеност на просоцијалните однесувања, во организацијата на однесувањата, соработката со другите, развојот на јазичките вештини и самостојноста, како и намалувањето на несакани однесувања кај лицата од различна возрасна група и во различни ситуации.
Кому е потребна визуелна поддршка?
Потреба од воведување на визуелна поддршка можеби постои кај:
-
- Лица кои потешко ги следат вербалните налози;
- Лица кои имаат потешкотии да го разберат она што се опишува и/или посочува, а при тоа да не се посочи кон предметот и/или насоката кон која треба да се движи;
- Лица кои тешко остануваат насочени кон одредена активност или задача која ја исвршуваат;
- Лица кои се вклучуваат во повремени тантруми при транзиција од една во друга активност или од едно во друго опкружување.
ВИЗУЕЛНИ РАСПОРЕДИ
Ако нешто може да ни помогне при креирањето на рутини и организација на времето, тогаш тоа за сигурно е добро искреиран распоред на активности. Независно дали распоредот е во форма на слика или текст, тој ни помага да го испланираме и организираме целиот ден и да ги реализираме задачите кои ни се зададени и/или кои си ги задаваме самите на себе. На лицата со аутизам визуелните распореди им овозможуваат предвидливост, тие се многу поразбирливи бидејќи се доста конкретни, за разлика од говорот кој за овие лица е апстрактен и тежок за разбирање.
Визуелните распореди можат да бидат изготвени во форма на:
-
- План на дел од денот или пак цел ден;
- План на одредени активности (пр. активности за време на обавување на оброк);
- План на изведување на одредени ситуации (пр. одење на фризер);
- Приказ на чекори за извршување на некоја посложена активност (пр. постапност за миење на раце).
Се препорачува, распоредот / планот да се изработува заедно со лицето со попреченост, односно лицето со аутистичен спектар на нарушувања. Некои активности ги одбираме ние самите, додека некои препуштаме да ги одбере самото лице и истите да ги вметне во распоредот. Нудењето можност за избор е доста препорачливо бидејќи ја зголемува мотивацијата за соработка на лицето со родителот, наставникот, околината.


ИЗБОРНА ТАБЛА / ПЛОЧА
Изборна табла или плоча претставува табла на која се наоѓаат неколку слики од омилени предмети или активности на детето / ученикот. Се користи кога сакаме на лицето со попреченост / аутизам да му понудиме избор пред започнување со некаква активност или задача, со цел да ја зголемиме мотивацијата за соработка. Родителите, а особено наставниците, често пати многу тешко можат да ги мотивираат децата / учениците да учествуваат во секојдневните активности. Во тоа многу може да помогне користењето на изборната табла и правилата „ПРВО – ПОТОА„. Со помош на овие алатки се нуди можност за избор, што доведува до поголема мотивираност за соработка со возрасната личност. На изборната табла можат да се стават две активности / предмети (или повеќе) во зависност од можностите на детето /ученикот. Доколку детето / ученикот тешко го користи говорот како средство за комуникација, визуелната поддршка ќе му помогне за полесно искажување на сопствените желби и потреби. Најпрво му се нуди избор од две слики – две преферирани активности или пак омилени предмети. Можеме да посочиме со неговиот прст кон сликите, при тоа говорејќи: „Сакаш балончиња или песок?„ Кога детето/ученикот ќе посегне или кога ќе покаже на одредена слика му го овозможуваме тоа што го побарало. Важно: При вербализација, особено на акивности, потребно е да се користи едноставен говор.

ПРВО – ПОТОА
Сите ние се сеќаваме на нашите баби кога ни велеа „Прво изеди се во тањирот, па потоа можеш да добиеш колач„. Правилото ПРВО – ПОТОА, или уште како го викаат „правилото на баба„ се води од начелото на Премак кој објаснува дека постои поголема веројатност дека едно лице попрво ќе ја изврши помалку посакуваната активност или задача доколку непосредно после тоа ја добие преферираната активност или предметот кој му е од интерес.
Таблата ПРВО – ПОТОА може да се користи кога лицето:
-
- Бурно реагира на било какви промени или транзиции (ручек, спиење, крај на играта, цртани филмови);
- Тешко соработува со возрасните во текот на извршување на дневните активности;
- Тешко ги разбира упатствата кои му се налагаат.
Сликата од активноста која сакаме детето / ученикот да ја изврши се лепи во квадратчето „ПРВО„, нудиме изборна табла со две омилени активности. Кога ќе избере една од понудените ја лепиме во квадратчето „ПОТОА„. При изведување на целата оваа активност потребно е детето /ученикот за цело време да биде насочено со вниманието кон она што му го покажуваме, односно со помош на неговата рака му покажуваме и истовремено вербализираме: пр. „Прво ручек, потоа колач„.

ТОКЕН СИСТЕМ (систем за бодување)
Собирањето на бодови (токени) му помага на детето / ученикот да го визуелизира своето напредување после изведувањето на некоја активност, или после прифаќање на налог, или пак после одложување на несакано однесување заради одбивање на некоја задача. Користењето на токен системот доста е корисно за саморегулација на однесувањето и самовреднување. Ваквиот систем на награди е доста корисен при наградување на целно насочено и посакувано однесување. Важно е при тоа точно да се знае кое однесување ќе „заработи„ токен, при што и детето и возрасните знаат кое однесување ќе биде наградено, а кое нема да биде наградено со токен. Подеднакво е важно да се договориме со детето што ќе добие кога ќе го собере договорениот број на токени. Добро би било, наградата да биде предмет и/или активност по избор на детето. Секој пат кога детето ќе се однесува на начин за кој сме се договориле, ќе му овозможиме еден токен и при тоа ќе го пофалиме со желба дека почесто ќе го гледаме таквиот начин на однесување (пр. Одлично си ги раскренал/а играчките. Браво, си доби едно големо смајли„). Може со детето заедно да ги изброиме собраните токени и да пресметаме уште колку фалат за да се добие активноста, предметот кој детето го има избрано како награда.

РАБОТЕН СИСТЕМ
Индивидуалниот работен систем претставува структуриран начин на организирање на слободното време. Детето со помош на овие системи визуелно јасно и доста систематично ги решава веќе познатите задачи. Работните системи претставуваат низа од кутии во кои се содржани различни задачи. Истите се означени со симболи. Копии од симболите (дуплирани симболи) се ставаат на визуелниот распоред на детето. Детето ја зема првата слика од распоредот, ја споредува со слика од кутиите, ја решава зададената задача која е содржана во кутијата, па преминува на следната слика од распоредот и така сè додека не ги реши сите зададени задачи.
Работните системи ја поттикнуваат самостојноста кај детето и функционално го пополнуваат неговото слободно време. Употребата на работни системи му помага и воедно му олеснува на детето да разбере што се очекува од него.

СОЦИЈАЛНИ ПРИКАЗНИ
Социјални приказни претставуваат индивидуализирани приказни, осмислени со цел да им помогнат на лицата кои ги користат, за полесно да ги разберат различните социјални ситуации. Ги користиме кога сакаме на детето / ученикот со аутистичен спектар на наручувања да му опишеме одредена ситуација, социјално правило, одреден социјален концепт, односно со помош на социјалните приказни да го запознаеме детето / ученикот со облици на примерно однесување во дадени социјални ситуации. Социјалните приказни се пишуваат на многу едноставен јазик и секогаш во прво лице еднина, при што се препорачува да бидат пропратени со слика која дополнително го објаснува напишаниот текст. Доста се едноставни за користење, но важно е дека треба секогаш да го насочуваме вниманието на детето / ученикот кон страниците на приказната и со помош на неговиот прст да покажуваме на сликите на секоја страница. Научно не е потврдено дека се ефикасни во модификување на однесувањето, меќутоа многу често се користат како стратегија за превенција од несакано однесување.

Како да воведеме визуелна поддшка во секојдневните рутини?
За полесно прифаќање и разбирање на визуелната поддршка, некои извори препорачуваат детето / ученикот претходно да има стекнато одредени предвештини. Спарувањето на исти предмети, спарувањето на предмет со слика, и на крај спарувањето на две идентични слики му помага на детето / ученикот да ја разбере корсподенцијата на сликата со предметот, сликата со самата активност и сл. Кога на визуелниот распоред ќе ставиме „прво ручек„, а „потоа-кошаркарска топка„, детето ќе разбере дека всушност сликата претставува вистински предмет, односно акција.
На почетокот, кога се воведува визуелната поддршка, се препорачува да се користат реални фотографии и/или цртежи со текст кој ја опишува сликата. Ваквата постапка се применува со цел детето / ученикот визуелно да се запознае и со изгледот на зборот. Од друга страна, описот на сликата се применува за да можат сите останати лица кои се во непостредна околина на детето / ученикот да ги именуваат сликите кои се користат со исти зборови.
Кога започнуваме да воведуваме визуелната поддршка, најпрво ги посочуваме и именуваме сликите, со цел детето / ученикот да се запознае со истите. Самото претставување на визуелната поддршка (на сликичките) не може да биде доволно за усвојување на вештината. Потребно е да го научиме детето / ученикот по пат на методот „чекор по чекор„ преку надоврзување на активности една на друга. Неопходно е истовремено да се пружи помош на модел и/или физичка поддршка колку и да е потребно. На крај секогаш треба да следи пофалба за заложбата и направените обиди на детето / ученикот.
Како знаеме дека визуелната поддршка му помага на детето / ученикот?
За да можеме да дознаеме дали нашиот труд се исплати, може да се бележи зачестеноста на одредено однесување пред воведувањето на визуелната поддршка, и после воведувањето на визуелната поддршка. Водењето дневник за однесувањето, како метода, не секогаш им одговара на родителите, или наставниците, или другите учесници во животот на детето / ученикот со попреченост. Во такви ситуации потребно е да се запрашаме
-
- Дали детето / ученикот поретко запаѓа во состојба на тантум после воведувањето на визуелната поддршка?
- Дали детето / ученикот почесто одговара на поставените налози и барања?и Дали за тоа се потребни помалку повторувања?
- Дали детето / ученикот има усвоено и научено нови и примерни однесувања?
Ако одговорите на поставените прашања се потврдни, тоа е знак дека користењето на визуелната поддршка навистина помага. Можеби сега е време да се сапочне со визуелна поддршка во повеќе различни ситуации. Многу е важно научените вештини да се генерализираат (да се употрбуваат во релација со повеќе лица и во нови ситуации и различни опкружувања). Можностите за користење на визуелна поддршка се неограничени.
Кога треба да се престане со визуелна поддршка?
Доколку детето / ученикот самостојно преминува од активност во активност, веќе добро знае што се очекува од него, самоиницијативно го составува сопствениот распоред, скоро и да не мора да се води и поттикнува од страна на возрасните…Се поставува прашањето „Зошто воопшто да се престане со нешто кое го олеснува секојдневното функционирање?„…Понекогаш, особено кај децата на поголема возраст, можеби е потребно само да се направи транзиција од сликовит облик на поддршка во текстуален, но никако во целост да се укине.
ЗАКЛУЧОК
Водејќи се од начелото дека секој од нас има свои индивидуални потреби, мораме да нагласиме дека не треба за секое дете со попреченост и/или со аутистичен спектар на наручувања да се дава ист облик или исто ниво на визуелна поддршка. Визуелната поддршка може да го привлече и задржи вниманието на детето / ученикот. Таа ни помага за да можеме да ја пренесеме пораката која можеби за овие деца / ученици е недоволно разбирлива. На тој начин се намалува нивната анксиозност, можеме да презентираме одредени апстрактни концепти на поконкретно ниво и што е најважно им помагаме да ги изразат сопствените желби и потреби.
Доколку се решите да започнете со користење на визуелна поддршка, Ви советуваме истата да биде пренослива, трајна, да биде поставена на видливи и достапни места, да биде индивидуализирана, а самото користење да биде доследно, професионално и истрајно.